Назад

ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН НА КОНЦЕРТОТ "АМБАСАДА НА МАЈCТОРСТВО", СКОПЈЕ, 17 ЈУНИ 2019 ГОДИНА

Почитувани дами и господа,

Драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам сите присутни на концертот на солисти на Санктпетербуршкиот Дом на музиката.

Во последните 13 години Домот на музиката, создаден на иницијатива на народен артист на Русија, професорот Сергеј Ролдугин, под неговото водство ја промовира и популаризира класичната музичка уметност, ги чува изведувачките традиции, подготвува млади музичари за учество во меѓународни натпревари и фестивали.

Во изминативе години, во рамките на програмата "Амбасада на мајсторството" се одржаа над три и пол илјади изведби на солисти на водечките сцени на Русија, како и во странство – во десетици земји во Европа, Азија, Африка, Северна и Јужна Америка. Во 2017 и 2018 години тие веќе го покажаа своето мајсторство во вашата земја – во Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Струмица.

Денес, пред вас ќе настапат лауреат на меѓународни натпревари по пијано, Ана Грот, лауреат на меѓународни натпревари на виолончелисти, Камил Мухаметдинов, и лауреат на натпревари, учесник на мастер класови на водечките европски обоисти, Алексеј Савинков. Тие се млади, но исклучително талентирани изведувачи, кои со право ги освоија првите награди на престижни музички натпревари.

Особена благодарност до организаторите на концертот – агенцијата Россототрудничество и лично г. Артјом Румјанцев и Националната филхармонија и лично г. Виктор Илиески. Се надевам дека ваквите настапи ќе станат добра традиција, ќе придонесуват за развој на културните врски меѓу нашите две братски земји.

Ви посакувам пријатна вечер, силни впечатоци од допирот со волшебниот свет на музиката претставен од бесмртни дела на класиците во изведба на руските солисти. Убеден сум дека естетското уживање од музичките ремек-дела ќе биде хармонично дополнето и од прекрасните визуелни образи во вид на уникатни фотографии на природните и ракотворните убавини на Русија кои се исто така претставени вечерва овде, во фоајето на Националната филхармонија какo изложба под наслов «Русија – најубавата земја».

Ви благодарам за вниманието.