Назад

ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ЗА РУСКАТА НОВИНСКА АГЕНЦИЈА "ТАСС" ПО ПОВОД ДЕН НА РУСКАТА ДИПЛОМАТИЈА, 9 ФЕВРУАРИ 2019 ГОДИНА

На 6 февруари НАТО го потпиша протоколот за членство на Македонија во Алијансата. Каква е реакцијата на Русија во врска со перспективата од приклучувањето на уште една балканска земја кон НАТО?

 

Позицијата на Русија во однос на проширувањето на НАТО, меѓу другото и на Балканот, е добро позната. Без оглед на сите изјави дека овој процес не е насочен против нашата земја, реалноста зборува за спротивното: кон нашите граници сè повеќе се приближува воената инфраструктура на Алијансата, која официјално ја смета Русија за свој непријател. Воинствената и сè поагресивната реторика на натовските „јастреби“, а имено тие денес ја „кројат политиката“ во Алијансата, секако, не е предвесник на ништо добро.

 

Македонското раководство повеќе пати, при што и јавно, нè уверуваше дека стремежите на Скопје кон НАТО, демек, немаат антируска конотација. Ние немаме основа за да се сомневаме во искреноста на нашите македонски партнери. Проблемот е во тоа што откако ќе стапат во Алијансата, тие ќе бидат принудени да носат одлуки не врз основа на сопствените национални интереси, туку согласно принципите на „атлантската солидарност“, што, всушност, не им остава слобода за маневрирање.

 

Според вас, која е перспектива за стапување на Македонија во Европската Унија?

 

Ова прашање, секако, би било подобро да им се постави на властите на самата Република Македонија или на соодветните структури на Европската Унија. Но, мене ми се чини дека одговорот на него не го знаат ни тие. Во Скопје се надеваат дека одлуката за почеток на пристапните преговори може да биде донесена во јуни годинава. Дури и ако е така, колку ќе траат преговорите ќе зависи од цела низа фактори, при што напорите од македонска страна е само еден од нив.

 

Се создава впечаток дека перспективата за влез во ЕУ долги години се користеше, и мислам дека уште долго ќе се користи, како своевиден вид „морков“ кој ќе му овозможи на Западот да ја води Македонија, па и другите земји од регионот во правецот што тие го сакаат, а всушност, да им ја наметнуваат својата политика која, во принцип, не секогаш одговара на нивните национални интереси.

 

Како во Македонија, така и во Грција постојат политички сили кои не го поддржуваат Преспанскиот договор. Можат ли разликите што постојат во врска со ова прашање да ја дестабилизираат ситуацијата во Македонија и во регионот?

 

Не станува збор толку за политичките сили колку за народот. Еве, погледнете – речиси две третини од населението на 30 септември 2018 година го бојкотираа референдумот за Преспанскиот договор, односно „со нозе“ гласаа против договорот кој е наметнат однадвор. За тоа сведочи и фактот што поделеноста во македонското општество се зголеми. Се разбира, тоа не може да нема долгорочни негативни последици во еден „буре барут“ регион како што е Балканот.

 

Ние, се разбира, воопшто не се заинтересирани за дестабилизација на состојбата, неважно дали станува збор за Република Македонија или за балканскиот регион, без оглед на тоа колку се обидуваат да нè обвинат за тоа. Сепак треба да водиме сметка дека Преспанскиот договор е склучен со сериозни прекршувања на нормите на националното и на меѓународното право, со други зборови, излегува надвор од правното поле. Малку веројатно е дека тоа ќе може да биде инструмент за достигнување праведно, одржливо и долгорочно решение на проблемите со државното име на Македонија. Токму спротивно, како што повеќе пати нагласуваше претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов, наместо да биде решение на еден стар проблем, Преспанскиот договор може да создаде многу нови.

 

Западот не престанува да ја обвинува Русија за мешање во внатрешните работи на балканските земји. Влијаат ли ваквите изјави на односите помеѓу Скопје и Москва? Колку македонските политичари потпаѓаат на западното влијание?

 

Некои земји од Западот на чело со САД навистина набиваат русофобија низ целиот свет, се обидуваат да вовлечат колку што е можно повеќе земји во својата пропагандистичка орбита, меѓу другото, потпирајќи се на истата банална „атлантска солидарност“ за која зборував погоре. Вакви обиди имаме видено и тука. Една од практичните пројави на оваа распашана кампања беше и протерувањето од Скопје на рускиот дипломат во март минатата година – и повторно поради солидарност за таканаречениот „случај Скрипаљ“.

 

Притоа никакви „докази“ за руско вмешување во внатрешните работи на Република Македонија нема и нема да има, не може да се најде мачка во темната соба ако не е таму. Во последно време ова го признаваат и во Скопје.

 

Сметаме дека македонските политичари ќе можат да се спротивстават на притисокот и во практика да докажат дека нивните уверувања во врска со заинтересираноста за одржување на пријателскиот карактер на односите со Русија не се само празни зборови.

 

Руската позиција во врска со преименувањето на Македонија е дека оваа тема може да биде разгледана во Советот за безбедност на ОН. Дали Москва има намера да го постави ова прашање Москва во СБ?

 

Ние поаѓаме од тоа дека резолуцијата на Советот за Безбедност на ОН 845 (1993) содржи директен налог на Генералниот секретар на ОН да го информира Советот за текот на решавањето на прашањето за државното име на Македонија. Овој налог безусловно треба да биде исполнет – решенијата на СБ на ОН, како што е познато, се обврзувачки за сите. Кога ќе се случи тоа зависи од голем број фактори, меѓу другото и од технички и организациски карактер.

 

Амбасадорот на Македонија во РФ претходно соопшти дека руската дипломатска мисија во Скопје планира да го пополни, па дури и да го прошири својот колектив по протерувањето на дипломатот поради „случајот Скрипаљ“. Можете ли да ја потврдите оваа информација?

 

Проширување на колективот на соработници на амбасадата на Русија во Скопје не е и нема да биде во нашите планови. Нашиот тим во целост се справува со задачите кои ни се поставени за исполнување на надворешнополитичкиот курс во постојаниот, всушност, не толку голем состав.

 

Што се однесува до замената на протераниот дипломат, тоа е нормална практика. Ваквата замена е веќе направена.

 

Се планира ли во блиска иднина билатерална посета на официјални лица од Русија и Македонија?

 

Посетите, особено на високо ниво, бараат детални подготовки, проучувања на практични теми за овие преговори, проекти на документи кои би биле потпишани за време на посетата.

 

Се надеваме дека со како што внатрешно-политичката ситуација во Република Македонија ќе се враќа во својот нормален тек, ќе можеме да започнеме предметна дискусија со нашите партнери за агендата за руско-македонската соработка. Резултатите од таа работа и ќе го определат можниот план за билатерални контакти.

 

Постојат ли планови во Москва и Скопје за проширување на економската соработка? Можат ли плановите за евроинтеграција да имаат влијание на заедничките проекти со Русија?

 

Со македонските партнери сме согласни дека зголемувањето на економската соработка во целост одговара на интересите на народите на нашите земји. Ние се обидуваме да градиме билатерални односи на начин кога трговијата, инвестициската соработка, бизнис-врските остануваат настрана од политичката конјунктура.

 

Потенцијалот на руско-македонската економска соработка е голем и тој е далеку од исцрпен. Гледаме голем број области во кои нашите економски субјекти можат ефикасно да соработуваат врз основа на обострана полза и на принципите на партнерство – тука е и енергетиката, и транспортната инфраструктура, и земјоделството, и туризмот и многу друго.

 

Стремежот на Република Македонија кон интеграција во Европската Унија кај нас не предизвикува алергија. Се надеваме дека тој процес, како што нè уверуваат македонските партнери, нема да има негативни последици за квалитетот и за интензитетот на соработката со Русија.

 

Беше соопштено дека за време на гласањето во Собранието на Македонија во врска со уставните амандмани, кои беа потребни за да се смени името на земјата, во зградата се наоѓал американскиот амбасадор во Скопје. Низа руски медиуми на социјалните мрежи поставија прашање каде во тој момент се наоѓал амбасадорот на Русија. Можете ли на Денот на руската дипломатија да ја кренете таинствената завеса и да ни кажете каде во тој момент беше првиот човек на руското дипломатско претставништво?

 

Не постои никаква тајна. Јас бев во својот работен кабинет и заедно со своите соработници внимателно следев како се развиваат настаните на македонската телевизија, која од време на време вршеше директно вклучување, а исто така ги следевме и социјалните мрежи. А, тоа што се случуваше во Собранието на Република Македонија тогаш, навистина е без преседан. Методите со помош на кои „се прибираше“ потребното двотретинско мнозинство (директни уцени, закани и поткуп на пратениците) уште еднаш покажа колку потценувачки и цинично се однесува Вашингтон во практика кон оние „демократски вредности“ за кои без пардон труби низ целиот свет.