Назад

ВО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРИ РЕТРОСПЕКТИВА НА ФИЛМОВИ НА АНДРЕЈ ТАРКОВСКИ, 10 ЈУНИ 2021 ГОДИНА

Во летно кино на Кинотека на Северна Македонија се одржа свеченото отворање на Ретроспектива на филмови на познатиот руски режисер Андреј Тарковски, која ќе трае до 20 јуни и во рамките на која ќе бидат прикажани најпопуларни филмови на уметникот. Проекцијата започна со онлајн воведно излагање на проф. д-р Игор Евлампиев од Русија и прикажувањето на филмот „Ивановото детство“. Во настанот зеде учество Амбасадорот Сергеј Баздникин, кој во своето обраќање потенцира:

„Почитувана госпоѓо Ана Дишлиеска Митова (директор на Филозофскиот филмски фестивал),

Почитуван господине господине Љупчо Митковски (претседател на Филозофско друштво на Македонија)

Почитуван господине Владимир Ангелов (директор на Кинотеката),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Драго ми е да ве поздравам на отворањето на Ретроспективата на филмовите на Андреј Тарковски. Настанот, без претерување, е од големо значење – за прв пат македонските гледачи имаат можност да ги погледнат сите дела на големиот мајстор на кино – седум долгометражни и три кратки студентски филмови.

Творештвото на Тарковски е голем и самобитен феномен на светската култура. Тој го доби светското признание уште додека беше жив, неговите филмови добија бројни награди на најпрестижните меѓународни филмски фестивали, а четири од нив одвреме-навреме се вклучуваат во листа на најдобрите филмски дела во сите времиња.

При тоа, Тарковски е „надвор од времето“: за секоја нова генерација тој останува култен режисер, чиишто дела поставија високи стандарди во кинематографската уметност, сочувајќи ја својата важност веќе многу децении.

Големината на режисерот, чинам, се определува, меѓу другото, од тоа дали тој успева да креира во неговите дела посебен свет што го надминува секојдневје, да го пренесе својот поглед на животот на екранот на онаков начин што може да инспирира милиони луѓе, кај нив да предизвика духовни и морални доживувања, да ги поттикне за промена кон подобро.

Сето ова е најкарактеристично за филмовите на Тарковски, кои формираат еден вид циклус за маки и надежи на човекот кој го презеде товарот на моралната одговорност за целиот свет врз себеси. Тие се одликуваат со најдлабокиот симболизам, размислувања за иднината на човештвото. Денес за филозофскиот дел на филмот „Ивановото детство“ онлајн ќе зборува еден од водечките руски експерти за творештвото на Тарковски, професорот на Санктпетербуршкиот државен универзитет, Игор Евлампиев, автор на фундаменталното дело „Уметничка филозофија на Андреј Тарковски“.

Инаку, советската и руската кинематографија се добро познати кај македонската јавност и уживаат заслужена популарност, што го потврдува непроменлив голем интерес за филмските проекции организирани од Амбасадата, како на телевизија, така и на различни фестивали. Ова го гледам како уште еден доказ за културната блискост на братските народи. Сигурен сум дека да немаше епидемиолошките ограничувања поврзани со пандемијата на коронавирусот, денешната публика ќе беше неколку пати поголема.

Подготовките за Ретроспективата започнаа уште на почетокот на минатата година – Амбасадата веднаш ја поддржа иницијативата на нејзините организатори и им помогна во обезбедувањето на проекцијата.

Навистина не би сакал денес да се осврнам на теми што се надвор од рамките на филмската уметност и културната соработка помеѓу нашите земји. Сепак, за жал, морам да го направам тоа. Русија, која има желба да гради соработка со партнери врз основа на еднаквост и взаемно почитување, водење сметка за меѓусебни интереси, мора да одговара на различни напади против неа.

Денес сме сведоци на беспринципно користење на културни, спортски и други настани за исполнување на своите политички цели, вклучително и за ширење на антируската пропаганда скриена зад уметноста. Жално е дека ова повеќе никого не го изненадува. Меѓутоа, во пријателската за нас земја, ваквите случаи предизвикуваат најмалку збунетост.

Сметаме дека оваа практика е апсолутно несоодветна и неприфатлива. Се надеваме дека учесниците во настаните на македонското тло, не со зборови, туку со дела ќе го почитуваат универзалниот и општоприфатлив принцип, со кој уметноста се одвојува од политиката. Нашата соработка е можна само врз основа на овој пристап.

Убеден сум дека гледачите на Ретроспективата – познавачи на квалитетното филозофско кино – според библискиот израз „ќе го одвојат житото од плевелот”. Филмот „Ивановото детство“ на Тарковски, кој е вклучен во ризницата на светската кинематографија, и во кој целиот ужас и неприродност на војната се прикажани низ призмата на впечатоците на детето, секако ќе ви помогне да ја почувствувате разликата помеѓу уметноста и пропагандата.

На сите им посакувам пријатно гледање и убави впечатоци од следните филмски проекции.

Ви благодарам за вниманието.“