Назад

ВО СКОПЈЕ Е ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА РУСКИОТ ЈАЗИК, 7 ЈУНИ 2021 ГОДИНА

По повод празнувањето на 222 години од раѓањето на Александар Сергеевич Пушкин и Денот на рускиот јазик, во паркот кој го носи името на Пушкин во Општината Кисела Вода (Скопје), се одржа традиционалното полагање на цвеќе пред споменикот на поетот. Во настанот учествува делегација на Амбасадата на Русија, предводена од Амбасадорот Н.Е. С.А. Баздникин, делегација на Општината предводена од градоначалникот Ф. Темелковски, Почесниот конзул на Русија во Охрид, проф. д-р В. Стојковски, делегација на Меѓународниот Славјански универзитет „Г.Р.Державин“, предводена од проф. д-р Ј. Ѓорчев и други делегации. По полагањето цвеќе се одржа концерт во организација на руските сонародници, на кој што настапија ученици и студенти од Центарот за изучување на рускиот јазик „Озарение“, Меѓународниот Славјански универзитет „Г.Р.Державин“од Свети Николе и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје. Сите учесници добија подароци од агенцијата Россотрудничество - книги на познатите руски писатели. Пред почетокот на концертот Амбасадорот им се обрати на учесниците и гостите:

Почитуван г-не Филип Темелковски (градоначалник на Општина Кисела Вода),

Почитуван проф. д-р Велимир Стојковски (Почесен конзул на Руската Федерација во Охрид),

Почитуван проф. д-р Јордан Ѓорчев (Претседател на Управен одбор на МСУ „Г.Р.Державин„),

Почитуван проф. д-р Билјана Мирчевска-Бошева (директор на Руски центар при УКиМ),

Почитуван проф. д-р Јасминка Делова-Силјанова (раководител на катедрата за славистика на Филолошкиот факултет на УКиМ),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам на одбележувањето на Денот на рускиот јазик, кој секоја година се слави во Русија и во странство. Се разбира, ви го честитам празникот, кој е посветен на 6 јуни, роденденот на големиот руски поет Александар Пушкин – оваа година ја прославивме 222-годишнината од овој значаен настан.

Како што знаете, во Русија велат: „Пушкин е наше сè“. Ова е разбирливо: Александар Сергеевич е основач на современиот руски литературен јазик, автор на бројни ремек-дела вклучени во ризницата на светската литература, кои повеќе од два века инспирирале нови генерации поети - руски и странски, вклучително и македонски.

Во романот во стихови „Евгениј Онегин“ на Пушкин има ред што стана светски познат: „На љубовта ѝ сите возрасти се покорни“. Да нагласам – истото важи и за љубовта кон неговите дела, кои се толку блиски до претставници на различни возрасни групи, епохи и култури.

Ги благодариме лично градоначалникот Темелковски и вработените во Општина Кисела Вода за зачувувањето на традицијата на одбележување на Денот на рускиот јазик, која започна во 2009 година, кога беше подигнат споменик на А.С.Пушкин во парков. И покрај тешкотиите поврзани со пандемијата, положувањето цвеќе кон споменикот се одржа и во 2020 година. Овој пат програмата повторно вклучува и концерт – се разбира, со почитување на сите епидемиолошки мерки. Радува и иницијатива на организациите на руски сонародници во однос на прославата, за кои рускиот јазик е најважното средство за зачувување на националниот идентитет, културната самобитност и врските со Татковината.

Изразуваме благодарност и до студентите од училиштата и универзитетите во Северна Македонија, кои денес ќе ги претстават делата на Пушкин не само на руски, туку и на македонски. Патем, скоро сите дела на поетот се преведени на македонскиот. Ова е уште една убедлива потврда за тоа колку се блиски и длабоки културните врски помеѓу нашите народи.

Сите добро знаете – рускиот е еден од официјалните јазици на Обединетите нации и други меѓународни организации. Најраспространетиот славјански јазик – со над четвертина милијарда говорници низ светот – го прими во себе духовното наследство на нашите заеднички просветители свети браќа Кирил и Методиј. Поддршката и промовирањето на рускиот јазик е една од приоритетните задачи на руската држава. Руската амбасада е секогаш подготвена да им помогне на сите што се заинтересирани да го учат.

Познавањето на руски јазик ви овозможува не само да се запознаете со најбогатото културно наследство, туку и да откриете широки изгледи за самореализација. Ова е особено актуелно за студентите-русисти во Универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и „Г.Делчев“ во Штип, во Меѓународен славјански универзитет „Г.Р.Державин“ во Свети Никола и Битола, како и курсисти во Рускиот центар при УКиМ во Скопје и Охрид.

Точно две недели подоцна, се одбележува трагичната годишнина – 80-годишнината откако нацистичка Германија го нападнала Советскиот Сојуз. Во услови кога стануваше збор за иднината на нашата земја и на нашиот народ, извонредната руска поетеса Ана Ахматова создаде неверојатно проникливо дело „Храброст“, чиишто редови речиси „се запишани“ во рускиот културен код: „И ние ќе ти сочуваме руската реч, големиот руски збор“. Оваа љубов кон мајчиниот јазик, оваа креативна сила, меѓу другото, ги инспирирала нашите предци, кои го поразиле фашизмот и ја ослободиле Европа.

Познато е каква огромна цена беше дадена за Големата Победа. Токму од овие причини Русија секогаш е против конфронтации во меѓународни односи и мешање во внатрешни работи на суверени држави. Се залагаме за решавање на какви било проблеми со дипломатија, за соработката на државите врз фер принципи засновани на почитување и заемно корисна соработка, за зајакнување на глобалната безбедност и обезбедување мирна иднина за идните генерации.

Убеден сум дека ова целосно им одговара на интересите на братските народи на нашите две земји. Подготвени сме да градиме соработка – врз основа на еднаквост и заемно почитување – до тој степен до кој за ова се заинтересирани двете страни.

Ви благодарам за вниманието.