Назад

ВО МАНУ СЕ ОТВОРИЈА ДЕНОВИ НА РУСКАТА НАУКА, СКОПЈЕ, 18 ОКТОМВРИ 2021 ГОДИНА

На 18 октомври, во просториите на Македонската академија на науките и уметностите се одржа свеченото отворање на Деновите на руската наука во организација на МАНУ, Амбасадата на Руската Федерација и Почесниот конзулат на Руската Федерација во Охрид. Од денеска до 21 октомври во рамки на настанот ќе се одржат четири предавања од различни научни области – вештачка интелигенција, биохемија и молекуларна биологија, земјоделски и ветеринарни науки. За овие теми ќе говорат академик Љупчо Коцарев, проф. д-р Велимир Стојковски, проф. д-р Евгениј Варисович Камалдинов и проф. д-р р Лариса Александровна Гнездилова. На отворањето со поздравни зборови се обратија претседател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, ректор на Московската државна академија за ветеринарна медицина и биотехнологија „К.И.Скрјабин“, д-р Сергеј Владимирович Позјабин, ректор на Новосибирскиот државен аграрен универзитет, д-р Евгениј Владимирович Рудој, Почесен конзул на Русија во Охрид, проф. д-р Велимир Стојковски, како и Амбасадорот Сергеј Баздникин, кој потенцира:

“Почитуван академик Љупчо Коцарев (претседател на МАНУ),

Почитуван проф. д-р Сергеј Владимирович Позјабин (ректор на Московската државна академија за ветеринарна медицина и биотехнологија „К.И.Скрјабин“),

Почитуван проф. д-р Евгениј Владимирович Рудој (ректор на Новосибирскиот државен аграрен универзитет),

Почитуван проф. д-р Велимир Стојковски (почесен конзул на Русија во Охрид),

Почитувани академици, професори,

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ги поздравувам присутните денес во Македонската академија на науките и уметностите, како и оние што учествуваат онлајн во свечениот настан по повод отворањето на Деновите на руската наука.

Нивното одржување во Северна Македонија е сосема разбирливо – 2021 година е прогласена за година на науката и технологијата во Русија. Во нашата земја, се одржаа и се планирани вкупно 86 настани, кои му овозможуваат широкиот круг на учесници да се запознат со историјата на развојот на руската наука на достапен и информативен начин.

Посебна благодарност е до претседателот на МАНУ, академик Љ.Коцарев и професор В.Стојковски за нивниот значаен придонес за организацијата на Деновите на руската наука. Во соработка со Македонската академија на науките и уметностите заедно со Почесниот конзулат на Русија во Охрид, како и со руските високообразовни институции – Московската државна академија за ветеринарна медицина и биотехнологија „К.И.Скрјабин“ и Новосибирскиот државен аграрен универзитет – денес отвораме низа на онлајн предавања на експерти од двете земји, посветени на современи научни достигнувања во области како што се вештачката интелигенција, биохемијата и молекуларната биологија, земјоделството и ветеринарната медицина. Изборот на дисциплини не е случаен – токму во овие области веќе многу години се развива плодна соработка помеѓу научници од нашите две земји.

Сѐ разбира, ова само малку ја отвора завесата на светот на големите откритија на нашите научници. Целокупната листа на нивните достигнувања од светско значење кои влијаеше врз научниот и технолошкиот напредок, е навистина преголема – за да се наведат сите во детали треба повеќе време. Само ќе ве потсетам на неодамнешни: во февруари 2021 година, во Русија е пуштен во работа најмоќниот реактор со брзи неутрони  во светот, а од минатата година, нашата земја разви неколку вакцини против КОВИД-19, вклучувајќи ја и првата регистрирана во светот, Спутник V.

Освен значајните резултати од научните истражувања, руската наука се одликува со долгогодишни просветителски традиции, а нивните темели ги постави големиот руски научник М.В.Ломоносов. Претседателот В.В.Путин го нагласуваше фактот дека руската наука „отсекогаш им служела на интересите на општеството и идеалите на хуманизмот, а нејзините најдобри претставници се одликувале со одговорна граѓанска позиција, несебичност, безгранична посветеност на нивната работа“.

Денес, статусот на државата во светот, успехот во економијата и социјалната сфера директно зависат од научниот напредок, динамичното воведување на современи технологии. За таа цел, Русија се стреми да создаде ефикасен иновациски простор. Поддржуваме перспективни истражувања, напредни научни центри, талентирани млади луѓе, привлекување на странски истражувачи, вклучително, сѐ разбира, и од Северна Македонија. Го поздравуваме воспоставувањето на контакти помеѓу водечкиот руски фонд за иновации Сколково и македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој, чијашто делегација планира да ја посети Русија во декември 2021 година.

Развојот на науката е еден од приоритетите на руската држава. Во 2019-2024 година се спроведува националниот проект „Наука“, а една од неговите цели е земјата да се вброи во првите пет светски научни лидери во клучните области.

Во декември 2016 година, Претседателот на Русија ја одобри Стратегијата за научен и технолошки развој на земјата, која ги дефинира главните приоритети во областа на научното истражување. Денес руската фундаментална наука се соочува со задача да ја зголеми отвореноста на економијата и општеството кон иновации. Како никогаш досега е актуелно да се изнајдат одговори на глобални предизвици во иднината, да се премине кон напредни дигитални технологии, еколошки чиста енергетика со заштеда на ресурси и високотехнолошка здравствена заштита. Патем, пандемијата на коронавирус го изнесе на виделина посебното значење на науката и технологијата, што остави свој белег и врз форматот на денешниот настан.

Кога станува збор за актуелност, соработката меѓу Русија и Северна Македонија во науката е пред многу други области на билатералното партнерство. Имаме очигледен меѓусебен интерес за реализирање на заеднички проекти за истражување и иновации во приоритетни области кои се важни за економскиот развој на двете земји. Меѓу нив се обновливи извори на енергија, безбедност на прехрана, заштита на животната средина. Важна компонента на интензивирање на таквата соработка треба да стане размена на експерти меѓу двете земји. За таа цел, се одвива работа на потпишување нов, актуелизиран договор за соработка помеѓу Руската академија на науките и Македонската академија на науките и уметностите, чијашто историја на соработка датира од 1995 година.

Амбасадата, од својата страна, ќе продолжи и натаму да дава сѐстрана поддршка за да ја интензивира научната размена, да го олесни пристапот до образование и вработување – и во Русија и во Северна Македонија – за сите заинтересирани претставници на научните и академските кругови.

На крајот би сакал да потенцирам дека сме секогаш отворени за соработка – се разбира, не само во науката, туку и во сите други области – каде што тоа им одговара на интересите на нашите земји и народи – врз апсолутно разбирлива и заемно прифатлива – рамноправна и заемно корисна –  основа. Убеден сум дека одржувањето на Деновите на руската наука ќе придонесе за зајакнување на нашите традиционални партнерски и заемно корисни врски.

На сите учесници им посакувам плодна работа, нови научни откритија, натамошна ефективна соработка и сѐ најдобро.

Ви благодарам за вниманието.”