Назад

СВЕЧЕНА ЦЕРЕМОНИЈА ПО ПОВОД 76 ГОДИНИ ОД ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА, СКОПЈЕ, 3 СЕПТЕМВРИ 2021 ГОДИНА

На 3 септември, кај спомен-обележјето посветено на 75-годишнината од Големата Победа, се одржа свечена церемонија по повод 76 години од завршувањето на Втората светска војна. Во настанот зедоа учество претставници на дипломатскиот кор, градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ, Почесен конзул на Руската Федерација во Охрид, Велимир Стојковски, делегацијата од ЛУКОИЛ Македонија и Газпром, руски сонародници итн. На гостите им се обрати Амбасадорот Сергеј Баздникин, кој во својот говор потенцира:

Ваши Екселенции, колеги од дипломатскиот кор,

Почитуван проф. д-р Велимир Стојковски (Почесен конзул на Руската Федерација во Охрид),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Пред сѐ, би сакал да им се заблагодарам на сите присутни за учеството во церемонијата посветена на споменот на војниците, кои ги дадоа своите животи за победата над фашизмот и на цивилите, кои загинаа за време на Втората светска војна.

Денеска се навршуваат 76 години од завршувањето на најкрвавиот конфликт во историјата на човештвото. Нашата морална должност е да оддадеме почит кон подвигот на народите на земјите во антихитлеровата коалиција и на учесниците во антифашистичкото движење, да се потсетиме на безбројни жртви.

На фашизмот му се спротивставуваа различни држави – Советскиот Сојуз, САД, Велика Британија, Франција, Кина, Југославија и многу други – и покрај сите разлики и противречности тие се обединија пред глобалната – без претерување, смртоносна – закана. Токму затоа постојано се враќаме на оваа тема. Пред два дена, Претседателот Владимир Путин, одговарајќи на прашање од руски ученик, нѐ потсети дека ако нацистите би победиле, тогаш светот би бил сосема поинаков, а и судбината на рускиот и другите народи во Русија би била сосема поинаква – ова судбина воопшто немаше да постои. Патем, за тоа постојат бројни документи.

Одговорот од меѓународната заедница на Втората светска војна и ужасите коишто таа донесе, стана современиот систем на меѓународното право, кој е основан врз принципите што ја обезбедуваат заштита на достоинството и слободата на секој човек, еднаквите односи меѓу државите.

Денес, пред нашите очи се прават обиди да се ревидираат резултатите од таа војна, да се фалсификува историјата, да се потцени улогата на Советскиот Сојуз во победа, да се оправдат злосторствата на нацистичките криминалци и нивните соучесници. Со текот на времето обидите стануваат сѐ поснаодливи и упорни – веројатно, сметаат дека една лага, ако е повторена многу пати, станува вистина. Ваквите размислувања се неосновани и немаат перспектива.

Убедени сме дека зачувувањето на меморијата за историските настани и нивните учесници – целосна и без искривувања – секогаш треба да остане во фокусот на нашето внимание. Само таков принципиелен и доследен став претставува гаранција да не се повтори трагедијата од минатото, има за цел да се зајакне стремежот за решавање на конфликти и спорови со дипломатски средства – водејќи сметка за интересите на секоја држава.

Високо ја цениме посветеноста на антифашистичките традиции на македонскиот народ – повеќе од 100 илјади борци учествуваа во народноослободителното движење на Македонија. Рамо до рамо со нив за слобода се бореа – и загинаа – стотици наши сонародници. Да се сеќаваме на ова, да ги зачувуваме вековните традиции на пријателството помеѓу нашите народи, да не дозволуваме моментални политички интереси да се навладеат е нашата општа задача. Нејзиното значење е тешко да се прецени.

Вечна им памет на паднатите, вечна им слава на живите херои!