Назад

ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ПО ПОВОД ОТВОРАЊЕ НА ПРВИОТ ДИРЕКТЕН ЛЕТ МОСКВА-СКОПЈЕ, 4 ЈУНИ 2021 ГОДИНА

Почитуван г-не Министер Бочварски,

Почитуван г-не Батак,

Почитуван г-не Глеб Богданов,

Почитувани медиуми,

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Денес сме сведоци на навистина значаен настан – по дваесетгодишна пауза, обновени се директните летови меѓу Москва и Скопје.

Редовни летови кон Македонија започнале во 1993 година: првиот лет на релација Москва – Скопје го извршил авионот Ту-134. Летовите се вршеле осум години, по што биле затворени во 2001 година. Причината за ова биле ограничувањата за бучава што европските земји ги воведеле на авиони произведени во Советскиот Сојуз. Користењето на модерни авиони на линијата тогаш се покажало како неефикасно поради недоволно висока популарност на овој лет. Затоа, во следните 20 години, за жал, немало летови од Русија кон Македонија.

Прашањето за воспоставување директна воздушна комуникација меѓу двете земји се разгледуваше долго време во билатералните контакти, вклучително и на ниво на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка. На деветтата седница на комисијата, одржана во ноември 2019 година во Охрид, на надлежните агенции на двете земји им беше дадена препрорака да се спроведе соодветна работа со цел да се организира директна воздушна рута.

Копретседателите на Меѓувладината комисија – заменик министерот за индустрија и трговија на Русија, Алексеј Груздев, и македонскиот вицепремиер Љупчо Николовски се состанаа завчера во Санкт Петербург, каде македонската делегација учествуваше во престижниот Меѓународен економски форум. Тие разговараа за целиот спектар на прашања од нашата соработка, што се развива со висок интензитет, а отворањето на директен лет не е нејзиното единствено достигнување.

Имаме соработка во борбата против пандемијата на коронавирусот. Како што знаете, Русија започна со снабдување со вакцината Спутник V во вашата земја. Планирано е да се испорачат вкупно 200 илјади дози. Руската страна строго се придржува до своите обврски и планира да обезбеди испорака на вакцините во рокот утврден со договорот. Меѓу тоа, распоредот за испорака не е предвиден со договорот и се формира во зависност од производствените можности на руската страна.

Сепак, Амбасадата е во постојан контакт со раководството на Рускиот фонд за директни инвестиции околу организација на испораки на вакцини. Се надеваме дека во блиска иднина ќе стигнат нови пратки на Спутник V.

Искрено би сакал да им се заблагодарам на Министерството за транспорт и врски и лично на министерот Бочварски кој е присутен тука, како и на Агенцијата за цивилно воздухопловство и нејзиниот шеф г-н Тунтев, со кои имаме развиено одлични работни односи и кои направија се што е во нивната моќ за да се овозможи започнувањето на летови на руската компанија Нордвинд од Москва до Скопје.

Би сакал да ја поздравам руската компанија, која е позната по високо ниво на сервисот и безбедноста на летови. Особено е пријатно што таа покажа одредена храброст со одлука да започне летови во нова насока во еден од најтешките периоди за развој на економијата и туризмот во светот.

Денес Нордвинд е една од ТОП-7 авиокомпаниите во Русија во смисла на превоз на патници, која нуди летови во повеќе од 200 дестинации. Компанијата врши авионски превоз од 95 градови во 20 земји во светот со над 650 летови неделно. 150 илјади патници ги користат нејзините услуги секоја недела. Во 2019 година, пред пандемијата, компанијата изврши превоз на скоро 8 милиони патници.

Благодарение на иновативната услуга и континуираните финансиски инвестиции, компанијата демонстрира стапки на раст кои ги надминуваат просечните индикатори на индустријата за цивилно воздухопловство во Русија.

Авиокомпанијата оперира со речиси 50 авиони од најпопуларните модели Боинг и Ербас што овозможува оптимална понуда за патници. На релацијата Москва-Скопје се користи нов удобен авион Ербас А321.

Би сакал да им се заблагодарам на ТАВ Македонија, операторот на Меѓународниот аеродром Скопје, и лично на генералниот директор г-н Батак за организирање на денешниот настан и за подготвеноста да ги обезбеди услугите за рускиот авиопревозник.

Потребата од директни летови се чувствува веќе подолго време – како за обезбедување удобни услови за пристигнување на руски туристи, така и за културни размени, деловни врски и приватни патувања. Се разбира, персоналот на Руската амбасада исто така ќе биде задоволен што има можност директно да дојде до Москва.

Што се однесува до Македонците кои би сакале да ја посетат Русија за туризам, студии или работа, се надеваме дека привремените ограничувања за нивното патување во нашата земја заради пандемијата ќе бидат укинати во блиска иднина, и тие исто така ќе можат да го користат овој лет.

Ви посакувам успешни летови и натамошно проширување на туризмот и контакти меѓу нашите земји.

Ви благодарам за вниманието.