Назад

ДЕНОВИ НА РУСКИ ЈАЗИК И КУЛТУРА, СКОПЈЕ, 22 СЕПТЕМВРИ 2021 ГОДИНА

На 22 септември, во Музеј на македонската борба со концерт на руска класична музика свечено се отворија Деновите на руски јазик и култура на иницијатива на Руски центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во настанот зедоа учество Амбасадорот Сергеј Баздникин, Министерот за култура д-р Ирена Стефоска, ректорот на УКиМ д-р Никола Јанкуловски, директорот на Рускиот центар проф. д-р Билјана Мирчевска-Бошева, како и директорот на Музејот Даниела Николова.

Еминентните музичари Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, Марија Вршкова изведоа ремек-дела на Рахманинов, Чајковски и Шостакович.

Во своето обраќање кон присутните Амбасадорот Баздникин потенцира:

„ Почитувана д-р Ирена Стефоска (Министер за култура на РСМ),

Почитуван проф. д-р Никола Јанкуловски (Ректор на УКиМ),

Почитувана проф. д-р Билјана Мирчевска-Бошева (Директор на Руски центар при УКИМ),

Почитувана г-ѓа Даниела Николова (Директор на Музејот на ВМРО),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ве поздравувам на отворањето на Деновите на руски јазик и култура и ви го честитам овој значаен настан.

Со децении, Скопје, како и другите градови во вашата земја, беше домаќин на редовни концерти на изведувачи од Русија, на проекции на руски филмови, на изложби, научни конференции и тркалезни маси, кои секогаш привлекуваат бројни гледачи и учесници.

На иницијатива на Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, поддржана од Фондацијата „Руски Мир”, Руската амбасада и компанијата „Лукоил Македонија”, во текот на следната недела сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат со руската култура и рускиот јазик на различни начини – почнувајќи од гледање филм до учество во квиз за географијата на Русија – за прв пат во рамките на еден целокупен настан. Сигурен сум дека само пандемијата на коронавирусот нема да дозволи да се соберат не десетици, туку стотици посетители, за кои нашата земја претставува голем интерес.

Деновите на рускиот јазик и култура со право се отвораат со концерт. Гудачкиот квартет „Филхармонија” предводен од виртуозната виолинистка, првиот концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар на Филхармонија, Ана Кондратенко, придружуван од пијанистката Марија Вршкова, ќе изведе светски познати дела на тројца извонредни руски композитори – С.В.Рахманинов, П.И.Чајковски, Д.Д.Шостакович, секој од нив ја отелотворува руската класична музика. Би сакал да им се заблагодарам на изведувачите во мое лично име и, убеден сум, во име на сите присутни.

Сметам дека тоа е добар избор на музичка вечер како појдовна точка за Деновите на рускиот јазик и култура. „Музиката е ризница, во која секоја националност придонесува нешто свое, за општо добро“ – овие зборови на Чајковски, мислам, многу точно ја одразуваат природата на претстојниот концерт. Горди сме на нашите сонародници, нивниот придонес за музичкото наследство на човештвото и развојот на музиката. Интересно е дека резултатите од студијата објавена на почетокот на минатата година го рангираат Рахманинов меѓу главните новатори – ако не и главниот – на класичната музика: неговите дела значително се разликуваат од делата на другите големи композитори и претставуваат нешто фундаментално ново што никој нема создадено порано. Искрено ни е драго да уживаме во нивните музички ремек-дела заедно со македонските пријатели.

Патем, токму културата што ја воспитува во нас желбата за морално и етичко усовршување, придонесува за создавање атмосфера на доверба и меѓусебно разбирање, што во сегашното време, за жал, честопати недостасува во меѓународните односи.

Русија, која е пример за повеќевековниот сојуз на народите поврзани со културната заедница и со рускиот јазик како јазик за меѓуетничка комуникација, постојано се залага за проширување на меѓународната соработка во областа на културата, врз основа на желбата за меѓусебно културно збогатување и зачувување на светското историско и културно наследство. Неговиот значаен и неодвоив дел во вашата земја – Охридскиот регион – е бисер, кој заслужено привлекува бројни познавачи на уметноста и архитектурата.

Денес хуманитарните и културните врски меѓу нашите земји, кои се историски блиски поради јазичната и духовната блискост на нашите народи, сѐ повеќе се развиваат. Деновите на рускиот јазик и култура несомнено ќе дадат значаен придонес за нивното зајакнување. Овој придонес ќе биде уште поголем доколку настани како овој ќе се одржуваат и во Русија. Од нашата страна, сме подготвени да дадеме соодветна поддршка за такви намери.

Како заклучок, сме секогаш отворени за соработката – се разбира, не само во областа на културата, туку и во сите други сфери – каде што тоа им одговара на интересите на двете наши земји и народи.

Им посакувам на организаторите на Деновите на рускиот јазик и култура успешно одржување на планираните настани, а на присутните денес – пријатни впечатоци од волшебниот свет на музиката.

Ви благодарам за вниманието.“