Назад

ВО СКОПЈЕ СЕ ОДРЖА ПРИЕМ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА РУСИЈА

На 14 јуни 2016 година Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија одржа државен прием по повод националниот празник – Денот на Русија. Во свечената прослава зедоа учество Министерот за надворешни работи на Република Македонија, г-дин Никола Попоски, Министерот за култура г-ѓа Елизабета Канческа-Милевска, советници од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, Гувернерот на Народната банка на Републка Македонија, г-дин Димитар Богов, пратеници во Собранието, великодостоинственици на Македонската православна црква, градоначалници, раководители на политички партии, шефови на дипоматските мисии и претставници на меѓународните организации акредитирани во Скопје, политички и општествени дејци, бизнисмени, новинари, руски сонародници, активисти на здруженијата за македонско-руско пријателство.

Свеченоста ја отвори Амбасадорот на Русија во Македонија Олег Шчербак, кој ги поздрави присутните и истакна дека “Русија е отворена за партнерство врз принципите на заемно почитување и за рамноправна соработка со сите земји меѓу кои е и Република Македонија. Поаѓаме од тоа дека руско-македонските односи се надвор од политичката конјунктура, тие се темелат врз тесните врски на пријателство и духовно сродство кои низ вековите ги поврзуваат нашите народи”. Исто така тој ѝ посака на Македонија “која сега поминува низ тежок период, што е можно поскоро да ги надмине политичките проблеми со кои мора да се соочува”.

Во име на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, г-дин Сергеј Лавров, Амбасадорот ѝ врачи на првиот почесен конзул на Русија во Охрид, г-ѓа Даринка Крстанова, признание за нејзината досегашна повеќегодишна успешна работа и им ги претстави на гостите новиот почесен конзул во Битола, г-дин Сергеј Самсоненко, како и неодамна назначениот прв конзул на Русија во Охрид, проф. Велимир Стојковски.

Државните химни на двете земји ги изведе хорот на Универзитетот “Св.Кирил и Методиј” во Скопје. На приемот присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата “Душа на Русија” организирана во рамките на Деновите на духовната култура на Русија кои сега се одржуваат во Македонија.