Назад

ВО МАКЕДОНИЈА ГО ПРОСЛАВИЈА ДЕНОТ НА ПОБЕДАТА

Фото Посольство России в Македонии/Амбасада на Русија во Македонија.

Во мај 2017 година во Македонија се одржаа свечености по повод 72-та годишнина од Победата во Големата Татковинска војна. Централни настани се одржаа во рамките на акцијата ”Бесмртен полк“. На 2 мај манифестацијата ”Бесмртен полк“ беше одржана во Битола. Студенти и наставници од Меѓународниот Славјански Универзитет ”Г.Р.Державин“ (Свети Николе-Битола) заедно со делегацијата од Тамбовскиот државен универзитет поддржани од Амбасадата на Руската Федерација организираа марш со портрети на своите роднини и најблиски кои се бореле против фашизмот. Организаторите на коишто им се придружија и голем број битолчани, промаршираа низ една од главните улици во градот и положија цвеќе пред споменикот на хероите од народноослободителната борба. Вкупно во настанот зедоа учество околу 100 луѓе. На 6 мај по иницијатива на руските сонародници и во соработка со Град Скопје на централниот плоштад на македонската престолнина беше организирана главна манифестација во рамките на ”Бесмртен полк“ во Македонија. На плоштадот беше поставен ”Ѕид на сеќавање“, банер 6 х 4 метри со симболот на манифестацијата и фотографии на борци-антифашисти доставени до Амбасадата од страна на руски сонародници, Сојузот на борци од народноослободителната борба во Скопје и Струмица, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, вработени во Руската Амбасада и од обични граѓани на Македонија. За време на манифестацијата на голем екран се прикажуваа Парада на Победата од 24 јуни 1945 година и филмот ”Ослободување“. Вкупно на плоштадот се собраа околу 300 граѓани од Русија и од Македонија. На 7 мај банерот ”Ѕид на сеќавање“ беше поставен на Широк Сокак во Битола каде што истовремено се одржуваше концертот ”Еден ден на војна“.

На 9 мај Амбасадата одржа традиционална церемонија на положување цвеќе пред споменикот на партизаните на 12-та ударна бригада кои загинаа во борбите за ослободување на Скопје (меѓу нив беше и еден државјанин на Советскиот Сојуз). На церемонијата беа присутни делегации од Сојузот на борци од народноослободителната борба во Македонија, Армијата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи на Македонија и од други државни институции, од Меморијалниот центар на холокауст на Евреите од Македонија, локални власти, најголеми политички партии, како и од македонски универзитети, македонски и руски компании, претставници на дипломатскиот кор.

На 10 мај Амбасадата во соработка со Град Прилеп одржа церемонија на положување цвеќе пред ”Споменикот на непобедените“ (Прилео) којшто им е посветен на 600 партизани кои загинаа во борбите против нацистичките агресори во периодот 1941-1944 година во околината на Прилеп. Меѓу тие борци-антифашисти беа и државјани на Советскиот Сојуз.

По повод Денот на Победата, Амбасадата организираше голем број активности од културно-просветен карактер. Најмасовен настан беше концерт ”Еден ден на војната“ кој се одржа на 7 мај во Битола и беше организиран од страна на Почесниот конзул на Русија во Битола, г-дин Сергеј Самсоненко, и здруженијата на руските сонародници. На концертот настапија солисти и вокални ансамбли на руската дијаспора, како и популарни во Македонија театарски артисти, пејачи и музичари. Концертот кој го посетија околу 200 луѓе заврши со грандиозен огномет. На 8 мај во просториите на Почесниот конзулат на Русија во Охрид беше отворена изложба на фотографии ”Патиштата на Победата“ подготвена од страна на Амбасадата врз основа на архивски материјали на руската информативна агенција ТАСС. На 9 мај во Скопје се одржа проекција на најновиот руски воен филм ”28 панфиловци“ со што започна ревија на руски воени филмови во организација на Амбасадата во соработка со Кинотека на Македонија. Покрај Скопје проекциите на руски воени филмови се одржаа во Охрид и Тетово.

Фото Посольство России в Македонии/Амбасада на Русија во Македонија.

Фото Russian Consul - Bitola.