Назад

ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА РУСКИОТ ЈАЗИК, 6 ЈУНИ 2019 ГОДИНА

Почитуван господине Филип Темелковски (градоначалник на општина Кисела Вода),

Почитувана госпоѓо Елена Силјаноска (претседател на Координативен совет на организациите на руските сонародници),

Почитуван професор Велимир Стојковски (Почесен конзул на Русија во Охрид),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно Ве поздравувам сите присутни денес на свеченоста посветена на маркантниот настан – 220-годишнината од раѓањето на големиот руски поет Александар Сергеевич Пушкин. Во рамките на оваа манифестација ќе биде отворена нова спомен-плоча со профилот на поетот, која ќе го овековечи овој јубилеј за многу години.

Нема потреба од дополнителни објаснувања за генијот на Пушкин. Тој е најголемиот руски поет, автор на бесмртните дела кои станаа дел на ризницата на руската и светската литература и култура. Основоположник е на современиот руски литературен јазик – не е случајно дека на самиот роденден на Пушкин го славиме Денот на рускиот јазик – празник кој во последниве неколку години доби меѓународен статус.

Музеи во многу градови во Русија и во странство се посветени на сеќавањето на Пушкин. Стотици населени места, географски објекти, згради и организации го носат името на поетот. Во Скопје тоа се оваа улица и овој парк каде што се наоѓаме сега. И таа традиција продолжува и денес –пред само неколку дена со декрет на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, најпознатиот меѓународен аеродром во Москва (Шереметjево) го доби името по Пушкин.

Во различни градови во Русија и во светот се подигнати десетици споменици на Пушкин. Особено задоволство ни е што меѓу нив е и споменикот пред кој што се собравме. Отворен пред десет години тој стана еден од центрите на руската култура во Северна Македонија – свеченостите што се одржуваат секоја година во општина Кисела Вода привлекуваат голем број љубители на творештвото на поетот и воопшто луѓе, кои не се рамнодушни кон руската литература.

Талентот на поетот е исклучително многулик. Меѓу неговите главни карактеристики е и способноста да се навлезе во духот на различни епохи и култури и да се пренесе оваа атмосфера на читатели. Поради тоа неговото творечко наследство е јасно и достапно за сите народи. Добро знаеме дека руската книжевна традиција имаше благотворно влијание врз македонската литература и култура: многу генерации на македонски писатели беа инспирирани од делата на Пушкин и на други руски писатели. Речиси сите дела на поетот се преведени на македонскиот јазик.

Особена улога во културната соработка на нашите две земји, се разбира, му припаѓа на рускиот јазик, неговото зачувување и популаризација е приоритет за нашата земја.

Повеќепати реков дека знаењето на рускиот јазик овозможува не само подобро да се запознае со најбогатите култура, историја и традиции на Русија, туку и да се сознаат вистинските цели и аспирации на нашата земја, кои во принцип ги подразбираат стремежот за улога на гарант на глобалната стабилност и безбедност, подготвеноста за чесна, еднаква, заемно корисна соработка со сите, кои се заинтересирани за тоа, вклучувајќи ја тука, секако, и Република Северна Македонија.

Во рамките на државните системи за образование повеќе од 18 милиони луѓе го учат рускиот јазик. Соодтветниот курс функционира во 58 држави, вклучитељно и во вашата земја. Во претходната академска година на курсот организиран од страна на Рускиот центар под раководството на професорот Стојковски во Скопје и Охрид се запишале вкупно 550 луѓе.

Имаме намера на секој можен начин да придонесуваме за обновување на позициите на рускиот јазик, за проширување на можностите за изучување за сите, кои ќе го посакаат тоа.

Убеден сум дека денешниот настан е уште едно сведоштво за традиционалните вековни духовни врски, кои тесно ги поврзуваат братските народи на нашите земји. Благодарен сум на градоначалникот и вработените на општина Кисела Вода за нивното активно учество и помош во организирањето на оваа манифестација.

Ви благодарам за вниманието.