Назад

ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН ПО ПОВОД ОТВОРАЊЕТО НА ИЗЛОЖБИТЕ “ХОЛОКАУСТОТ: УНИШТУВАЊЕ, ОСЛОБОДУВАЊЕ, СПАСУВАЊЕ” И “ОПСАДАТА НА ЛЕНИНГРАД”, СКОПЈЕ, 28 МАРТ 2019 ГОДИНА

Почитувани дами и господа,

Драги пријатели,

Пред сѐ би сакал да изразам благодарност до господинот Горан Садикаријо, долгогодишен раководител на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, и до вработените во Меморијалниот центар за можноста за организирање на двете фотодокументарни изложби - “Холокаустот: уништување, ослободување, спасување” и “Опсадата на Ленинград”, како и за помошта на нивното организирање. Високо ја цениме нашата соработка, подготвени сме да ја унапредуваме во интерес на зачувувањето на историската вистина за неодамнешното минато, чии што трагични страни не смеат да се повторат.

Ви благодарам на сите кои се одѕвавте на поканата и дојдовте вечерва за лично да ги видите архивските документарни сведоштва за страшните настани од Втората светска војна, кои станаа симбол на несреќа и болка, немилосрдна суровост и презир кон човечкиот живот.

Очигледно е дека опсадата на Ленинград и Холокаустот се феномени со иста карактеристика - тие се најголемите хуманитарни катастрофи на Втората светска војна, огромни злосторства против човештвото.

Изложбата посветена на Холокаустот содржи уникатни документи и фотографии од архивите и фондовите на Русија, Велика Британија, Франција и Украина. Масовното уништување на Евреите, како и на претставници на други етнички групи од страна на нацистите е резултат на спроведувањето на нечовечката политика на расна супериорност. Според податоците објавени за време на Нирнбершкиот процес, шест милиони Евреи биле убиени во Европа за време на Холокаустот. Тие луѓе не умреа на бојно поле, туку едноставно беа уништени: труени со гас, стрелани, запалувани живи. Меѓу милионите жртви беа и граѓаните на нашите земји. Нашиот заеднички свет долг не е само да го чуваме сеќавањето за милионите невини жртви, туку и да правиме сé што е возможно за да се избегне повторување на слични трагедии во иднината.

Фотографиите од збирката на Државниот меморијален музеј за одбрана и опсада на Ленинград, претставени на изложбата, ја отсликуваат реалноста на животот на градот на Нева за време на Втората светска војна. Откако го опколиле Ленинград, фашистичките агресори всушност се обидувале целиот град да го претворат во еден голем концентрационен логор, од кој беше речиси невозможно да се побегне. Воздушните бомбардирања убиваа цивили со цели семејства, а дефицитот на храната и зимскиот студ станаа еден вид посебна тортура за луѓето. Бројот на жртвите, според различни извори, изнесува од 600 илјади до 1,5 милион луѓе. Притоа, се смета дека само 3% од вкупниот број биле убиени од бомбардирањата, додека останатите 97% починале од глад. Страшните настани во Ленинград се отсликани во повеќе историски документи, меѓу кои и блокадните дневници од децата со тешка судбина: Елена Мухина, Татијана Савичева, Капитолина Вознесенска и многу други. Читајќи ги редовите напишани од деца за смртта на нивните блиски, никој не може да остане рамнодушен.

За ваквите монструозни злосторства нема и не може да има застареност. За нив нема ниту простување или ниту заборав. Секој обид да се замолчат овие настани, да се искриват, да се ревидира историјата е неприфатлив и неморален.

За жал, хидрата на фашизмот повторно ја подигнува главата. Пред нашите очи се одржуваат факелните процесии под фашистички знамиња во европските престолнини, се глорифицираат нацистичките злосторници и нивните соучесници, се извршуваат злосторства под неонацистичките симболи, се преземаат активности за поттикнување на антисемитизам, русофобија и други форми на шовинизам и ксенофобија.

Повеќе од седум децении Русија презема напори за спречување на повторување на историските грешки. Нашата земја е предлагач на резолуцијата на Генералното Собрание на ОН за борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и други практики што водат кон зголемување на современите форми на расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата и поврзана со тоа нетолеранција.

На 73-та седница на Генералното Собрание резолуцијата беше поддржана од 129 држави, додека 54 беа воздржани, вклучувајќи ја и Северна Македонија, а само две земји (САД и Украина) гласаа против.

Се надеваме дека годинава и Северна Македонија ќе се вброи меѓу мнозинството земји на светот што ќе го поддржат овој важен и како никогаш досега актуелен, документ.

Ви благодарам за вниманието.