ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН НА ОТВОРАЊЕТО НА ИЗЛОЖБАТА ПО ПОВОД 100 ГОДИНИ ОД МАЧЕНИШТВОТО НА СВЕТОТО ЦАРСКО СЕМЕЈСТВО РОМАНОВИ, СКОПЈЕ, 4 АПРИЛ 2019 ГОДИНА
Ваши Високопреосвештенства,
Почитувани дами и господа, драги пријатели,
Ве поздравувам сите кои се одѕвавте на нашата покана и дојдовте денес на отворањето на изложбата посветена на 100-годишнината на мачеништвото на последниот руски цар Николај II и неговото семејство, и на промоцијата на книгата «Романови: Љубовта е посилна од смртта».
Пред сѐ би сакал да изразам благодарност до Музејот на македонската борба за можноста за одржување на оваа изложба, како и до Подворието на Патријархот Московски и на цела Русија во Софија и лично до неговиот настојател, архимандрит Васијан, за материјалите за изложбата.
Пред сто и нешто години, во Екатеринбург, е направено страшно злосторство, кое во голем дел стана одраз на онаа огромна трагедија што ја доживеа целата Русија, и кое засекогаш го промени натамошниот тек на историјата на нашата земја.
Во ноќта спроти 17 јули 1918 година, во подрумите на куќата на инженерот Ипатиев беа на монструозен начин убиени притворениците – царот Николај II, царицата Александра, нивните деца – престолонаследникот Алексеј и великите кнегињи Олга, Татијана, Марија и Анастасија, како и четворицата нивните слуги. Убиени без судење и пресуди, па дури без какво и да е обвинение.
Светителот Тихон, патријархот Московски и на цела Русија, тогашниот поглавар на Руската православна црква, тогаш рече: «Мораме, водени од Словото Божјо, да го осудиме овој чин, зашто во спротивно крвта на убиениот ќе падне и на нас, а не само на тие што го сториле… Нашата совест не може да се помири со овој злостор, и ние мораме гласно да го кажеме тоа…»
Токму за гласно да се каже за тоа е повикана оваа изложба која од денес се предлага на вашето внимание. Во неа се собрани документарните материјали, фотографии и потресни лични сведоштва.
Длабокото, објективно и сестрано осмислување на тоа што се случи, но и на бурните, драматични настани на таа епоха воопшто – е неминовен предуслов за помирување и зацврстување на мирот и заедништво постигнати во нашето општество, за ваквите трагедии никогаш да не се повторат. Лекциите се научени. Русија се стреми кон постигнување на амбициозни цели за мирен и динамичен развој на државата и на народот, нашата земја е отворена за унапредување на рамноправна и заемно полезна соработка со сите кој е подготвен за тоа. Вклучувајќи ја секако и Република Северна Македонија.
Се радувам дека денес исто така ќе се одржи промоцијата на книгата на македонски јазик «Романови: Љубовта е посилна од смртта» во која се раскажува за животот и подвигот на членовите на царското семејство, не само во историскиот дискурс, туку и од аспектот на човечките чувства. Им го честитам на сите што поработеа на овој важен и обемен духовен труд, и лично на високопреосветениот митрополит Повардарски господин Агатангел, успешното реализирање на овој голем проект.
Ви благодарам за вниманието.