ОБРАЌАЊЕ НА АМБАСАДОРОТ СЕРГЕЈ БАЗДНИКИН НА ДОДЕЛУВАЊЕ СЕРТИФИКАТИ НА КУРСИСТИТЕ ПО РУСКИ ЈАЗИК ОД РУСКИОТ ЦЕНТАР ПРИ УКИМ, СКОПЈЕ, 13 ЈУНИ 2019 ГОДИНА
Почитуван професор д-р Велимир Стојковски (директор на Руски центар),
Почитуван професор д-р Вујица Живковиќ (проректор за настава во Универзитет „Св. Кирил и Методиј”),
Почитувани професори и слушатели на курсеви по руски јазик,
Почитувани дами и господа,
Драги пријатели,
Драго ми е да се сретнам со вас во просториите на најстариот универзитет во земјава по многу пријатен повод – доделување сертификати на слушателите на курсевите по рускиот јазик во Рускиот центар при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“.
Срдечно им го честитам на сите алумни успешното завршување на оваа академска година. Посебна благодарност е до секретар на Рускиот центар Емил Ниами, до професорите Јана Кастратовиќ, Дарко Несторов, Кирил Ѓуровски, Наталија Кикило и Марија Смирнова за нивниот висок професионализам, одговорен и истовремено креативен пристап кон организирањето на образовниот процес.
Да ве потсетам дека оваа година вкупно 550 луѓе студираа на курсевите по рускиот јазик во Скопје и Охрид. Една третина од нив – 180 студенти – успешно го положија завршниот испит, што е многу добар показател. Вкупниот број на луѓето што ги посетуваа курсевите од отворањето на Рускиот центар пред три години е близу до две илјади, што сведочи за сериозен интерес на македонските граѓани за рускиот јазик.
Присутните овде денес добро знаат дека курсевите не само што помагаат да се научи рускиот јазик, туку и даваат одлична можност да се допре до духовното богатство и илјадагодишната култура на Русија, да се добие важна конкурентска предност во професионалната област.
Рускиот е јазикот на светската литература, музика, наука, напредни технологии, вселенско истражување, исто така е официјалниот јазик на најголемата земја во светот, еден од официјалните јазици на ООН и другите меѓународни организации. И истовремено, тоа е јазикот што го прими во себе духовното наследство на Светите браќа Кирил и Методиј, што е темелот на нашиот заеднички културен код.
Амбасадата и Россотрудничество од своја страна ќе продолжиме понатаму да даваме целосна поддршка на активностите на курсевите, да придонесуваме за обновување на позициите на рускиот јазик, за проширување на можностите за изучување за сите, кои ќе го посакаат тоа.
Ви посакувам на сите слушатели нови успеси во изучување на рускиот јазик – "голем и моќен", како го нарекуваше познатиот класичар на руската литература, убеден сум дека го знаете, Иван Сергеевич Тургенев.
Ви благодарам за вниманието.