ИНТЕРВЈУ НА АМБАСАДОРOТ ОЛЕГ ШЧЕРБАК ЗА ВЕСНИКОТ "ВЕЧЕР"
Главното богатство на Македонија е нејзиниот народ!
Стефан РАШКОВСКИ
Кои се вашите впечатоци од Македонија во досегашниот престој?
Впечатоците ги формираат средби и разговори со најразлични луѓе, посети на значајни историски и културни места, патувања низ нејзините региони. Главното богатство на било која земја е нејзиниот народ. Ова мислење е целосно оправдано и за Македонија. Еден од најголемите мои впечатоци е културно-историската разноликост на Македонија која со векови се наоѓа на крстопат на различни цивилизации и синтетизира во себе богато искуство и традиции на народите од различни културни и верски димензии. Коегзистенцијата во рамките на една држава ја збогатува и заемно дополнува културата на сите кои живеат заедно, ги учи да бидат повнимателни еден кон друг и да почитуваат вера, традиција и историја на своите сограѓани. Народите на Македонија се многу среќни што живеат во убавата природа и поволната клима. Тука има богата земја, трудољубив народ, прекрасни можности за плодотворна работа и за одличен одмор. Македонија е релативно мала земја, но и тоа има свои предности. На пример, за неколку часови можат да се видат широки рамнини, високи планини и езера, да се посетат чудесните места каде што секој човек може да најде забава по своја желба и да допре до илјадагодишната историја на вашата земја.
Што најмногу ви се допадна во Македонија?
Повеќе од се ми се допаѓа отвореноста на луѓето, нивната добронамерност, комуникативноста, тие знаат да бидат пријатели и да се радуваат на секој ден. Ми се допаѓа и стремежот духовно да ги надминат секојдневните проблеми. Многу ми се допаѓа што поголемото мнозинство на граѓаните во Македонија се ориентирани на традиционалните семејни вредности, љубовта кон децата и почитување на постари луѓе. За жал, денес во некои земји тие вредности се губат. Ваквиот народ кој го знае своето минато и се грижи за своите млади генерации, може да ги надмине било кои предизвици и проблеми, да обезбеди за себе мирна и среќна сегашност и иднина. Треба само да верува во себеси и во своите сили.
Дали можеби наоѓате некакви сличности со вашата држава?
Русија и Македонија имаат многу заеднички нешта. Нас не поврзуваат сродството на културите и на јазиците, искреност, нерамнодушност кон туѓа тага и гостопримство. Во својата илјадагодишна историја нашите земји поминаа низ многу тешки предизвици, но успеаја да ја зачуваат својата вера и вредности, чии темели се љубовта кон човекот, стремежот кон независноста и слободољубивоста. Мислам дека токму духовното сродство на нашите народи го предодредува нивното непреодно заемно привлекување, чувство за единство и длабока заемна симпатија кои нашите предци грижливо ги пренесоа низ вековите. Сигурен сум дека и денес, во 21 век никакви секојдневни политички, економски и други околности не можат да ја срушат оваа темелна внатрешна врска. Обратно, колку се поостри предизвици на глобализацијата, колку се посилни обидите да ја уништи "човечноста" во современата цивилизација или да ни наметне аморален стил на живеење, толку поцврста ќе биде потреба на нашите народи за заемна поддршка.

Кое годишно време вие сметате дека е најдоброто за патување во Русија?
Русија е разнолика и прекрасна во секое годишно време, но доколку сакате подобро да ја сфатите нашата земја и душата на нејзиниот народ, би ви препорачал да дојдете во Русија во мај и со своите очи да ги видете двата грандиозни народни празника: Денот на победата (9 Мај) и Денот на св. Кирил и Методиј (24 Мај), празник на словенската писменост и култура, кои се одбележуваат низ целата земја со учество на десетици милиони луѓе.
Кои се спецификите на вашата држава кои тука ви недостасуваат?
Во Македонија ми недостасуваат руските простори. Нашата земја е позната по можноста на нејзините жители да патуваат од ледениот Арктик до суптропскиот појас кај Црното Море без да ја преминат државната граница. Во Македонија, како и во другите земји, постои стереотип за суровата руска зима. Нема сомнеж, дека тоа е вистина, меѓутоа, руската зима во себе спојува суровост и маѓепсна убавина, и на рускиот човек, кој долго време престојува надвор од дома, таа порано или подоцна почнува да му недостасува. Од друга страна, и покрај тоа што јас, како и секој Русин, понекогаш чувствувам носталгија за татковината, немам време да и се предадам. Ми се допаѓа мојата работа која не е толку лесна, но многу е интересна. Ми се допаѓа да работам во вашата земја која за време на неколкугодишниот престој во неа искрено ја засакав.
Што би ни препорачале да посетиме?
Русија е целиот свет, кој има се, од архитектурни ремек-дела и голем број музеи до најразлични природни убавини, меѓу кои се најголемите реки во светот, безгранични шуми, планински езера, глечери и многу друго.
На Црвениот плоштад во Москва можат да се видат историските споменици кои се поврзани со главните настани на нашата историја. Меѓу тие споменици се соборната црква Свети Василиј Блажениј и Мавзолејот на Владимир Ленин, споменикот на Кузма Минин и Дмитриј Пожарскиј кои ја предводеле народната војска на почетокот на 17 век за да ги протера полските окупатори од Москва. Во старото време зборот "црвена" значеше "убава", и доколку со своите очи го видите Црвениот плоштад, ќе сфатите зошто тој е наречен на тој начин. На љубителите на старината ќе им се допаднат музеите и црквите на московскиот Кремљ: Успенска, Архангелска и Благовештенска соборни цркви, дворци и кули, кои создаваат препознатлив и добро познат изглед во целиот свет. Особена гордост на рускиот главен град е маѓепсната убавина на главната соборна црква на Руската православна црква, храмот на Христос спасителот. Во Третјаковската галерија и во музејот "Александар Пушкин" се претставени уникатни колекции на споменици на ликовната уметност. Како и во секој град со богата историја во Москва има улица која привлекува туристи од целиот свет. Тоа е Стариот Арбат каде традиционално настапуваат улични музичари, сликари цртаат портрети, се продаваат слики и руски сувенири. Туристичката маршрута наречена "Златниот прстен на Русија# предлага патување низ осум епицентри на руската култура меѓу кои се Сергиев Посад, Переслављ-Залески, Ростов Велики, Јарослављ, Кострома, Иваново, Суздаљ и Владимир. Во Сергиев Посад се наоѓа Троице-Сергиева Лавра, на чија територија се наоѓа Московската духовна академија, Духовна семинарија, резиденцијата на патријархот на Руската православна црква.
Со рускиот император Петар Велики поврзана е изградба во 1703 година на сегашната културна престолнина на Русија - Санкт Петербург, чии споменици во руската свест исто така се асоцираат со најсјајните страници од нашата историја. Ермитаж, Петропавловската тврдина, лаврата "Александар Невски#, Зимскиот дворец, плоштадот на Декабристи, споменик на Петар Велики (Бронзениот јавач), Исакиевската соборна црква, Казанската соборна црква. Оваа листа не е целосен список на убавините на "Северната Палмира# (едно од многу различни метафорични имиња на Санкт Петербург). Во непосредна близината на градот се наоѓаат познати резиденции на руските императори: Петродворец (Петергоф), Пушкин (Царското село), Павловск, Гатчина, каде што се концентрирани најдобрите дворци и паркови од 18 до 19 век. Блиску до Санкт Петербург, според руските мерки, се наоѓа островот Валаам каде се наоѓа Спасопреображенскиот Валаамски монастир основан, според историчари, во 988 година (годината на Покрстувањето на Русија). Во моментов таму живеат и работат повеќе од триста монаси. Патем кажано, токму валаамските монаси кои дојдоа во Македонија во 20-те години на минатиот век направија исклучителен придонес за возобнувањето на монашкиот живот и за изградба на нови манастири во вашата земја. Југот на европскиот дел на Русија е претставен со уникатни региони на Северниот Кавказ и Крим. Во Кавказ се доаѓа и за релаксација, и за спортување, и за лекување. Таму се наоѓа еден од највисоките врвови во светот, Елбрус (5642 м.). Олимпискиот Сочи силно се промени во изминативе години и стана рекреативен центар од светска класа. Особено место во нашата историја зазема Крим. Имено таму, во древниот град Херсонес кој Словените го нарекувале Корсуњ, беше крстен големиот руски кнез Владимир кој владееше во Киев. Еден од најпосетените туристички места во Јалтинскиот регион на Крим е Ливадија. Тоа е поранешна јужна резиденција на тројца руски императори, Александар Втори, Александар Трети и Николај Втори. Во февруари 1945 година во Ливадијскиот дворец се одржа Јалтинската конференција со учество на шефовите на трите држави сојузници во антихитлеровата коалиција каде беа донесени Декларацијата за ослободување на Европа и одлуката за формирање на ОН. На Македонците кои се гордеат со прекрасното Охридско Езеро ќе им биде интересен бисерот на нашиот Сибир - езерото Бајкал кое е најчист и најдлабок резервоар на слатка вода на планетата што е 20% од ресурсите на слатката вода, а длабочината на езерото изнесува 1642 метри.
Русија е еден од најголемите центри на светската култура со многу активен и динамичен културен живот, со голем број на театри, изложби, музеи. Во оваа смисла колку е интересен културниот живот во Македонија?
Имате право, културниот живот во Русија го карактеризираат особено богатство и интензитет со кои не може да се пофали секоја земја. Но и Македонија има со што да се гордее. Мене навистина ме восхитува развојот на опера и на балет во вашата земја, исполнувачки вештини на македонските музичари. Големо откритие за мене беше високо ниво на македонскиот Драмски театар, неговиот богат репертоар. Исто така ме радуваат многубројни интересни изложби и концерти. Убаво е дека не само главниот град, туку и други македонски градови живеат со полновреден културен живот. Во тој контекст доволно е да ги спомнеме музичкиот фестивал "Охридско лето" кој стекна меѓународно признание, и филмскиот фестивал "Браќа Манаки" во Битола. Можам искрено да ви кажам дека културната програма во земјата е толку богата што јас никогаш немав проблем каде да излезам навечер.
Како ги оценувате културните врски меѓу Русија и Македонија? Каква улога има Амбасадата во нивниот развој?
Културата традиционално е сферата каде што соработката меѓу нашите две земји имаше неверојатни успеси во сите времиња. Според мене, причина е духовното сродство меѓу нашите две земји кое поттикнува обострано културно привлекување. Контактите меѓу руски и македонски уметници се воспоставуваат природно, по нивна сопствена иницијатива. Како резултат се раѓаат прекрасни заеднички проекти. Руски музичари, играчи, пејачи редовно настапуваат на најголемите сцени во Скопје. Без нивното учество не може да се замисли програма на фестивалот "Охридско лето". Руски сликари често доаѓат во Македонија со своите изложби и активно работат во работилници во рамките на "ликовни колонии". Руски уметници се постојани учесници на меѓународни музички и филмски фестивали во вашата земја. Од друга страна, во различни градови на Русија со задоволство се пречекуваат македонски фолклорни и театарски екипи, сликари и музичари.
Според Вашето искуство стекнато од повеќе од петгодишниот престој во Македонија, што би можеле да и посакате на нашата земја?
Како што реков на почетокот на интервјуто, треба да верува во себе и во своите сили. Граѓаните на Македонија ја имаат богатата историја на борба за зачувување на својата култура и јазик, за независноста и државноста, својата велика судбина, големите херои и подвизи, со кои може да се гордее секоја земја. Македонија е стара земја, со голема самодоверба, која, сигурен сум, има можност сама, без мешање однадвор, да гради внатрешна политика, односи со други земји на регионално и на светско ниво. Вашиот народ ги има сите неопходни предуслови за социјално-економски развој. Тоа се бескраен творечки потенцијал, трудољубивост, знаења, високо ниво на културата, образованието, отвореност за се ново и прогресивно. Од се срце им посакувам на сите граѓани на братската Македонија единство, мир, сигурност во утрешен ден, среќа и благосостојба.