Назад

ОТВОРАЊЕТО НА ВЕЧЕР НА РУСКА МУЗИКА, БИТОЛА, 15 ОКТОМВРИ 2021 ГОДИНА

Амбасадорот Сергеј Баздникин зеде учество во отворањето на Вечер на руска музика во организација на Здружението на уметници и педагози „Арс Ад Астра“ со поддршка на Руската амбасада во Скопје и Почесниот конзулат на Русија во Битола. Во своето обраќање пред гостите, меѓу кои се градоначалник на Општина Битола, Наташа Петровска, како и претседателот на Здружението Татјана Божиновска, Амбасадорот потенцира:

„Почитувана г-ѓа Наташа Петровска (градоначалник на Општина Битола)

Почитувана г-ѓа Татјана Божиновска (претседател на Здружението на уметници и педагози „Арс Ад Астра“),

Почитувани дами и господа, драги пријатели,

Срдечно ви поздравувам на отворањето на Вечер на руска музика во организација на Здружението на уметници и педагози „Арс Ад Астра“ со поддршка на Руската амбасада во Скопје и Почесниот конзулат на Русија во Битола.

Денес ќе уживаме во делата на двајца големи руски композитори – П.И.Чајковски и С.В.Рахманинов. Нивниот придонес за светската култура и музичка уметност тешко може да се прецени.

„Музиката, пред сѐ, мора да се сака, мора да патува од срце и до срце. Во спротивно, музиката треба да се лиши од надеж дека ќе биде вечна и бесмертна уметност “ – мислам дека овие зборови на С.В.Рахманинов прекрасно ја опишуваат атмосферата на претстојниот концерт.

Настани како овој денес ни овозможуваат да ја запознаеме најбогатата култура и традиции на Русија, придонесуваат за зајакнување на меѓусебното разбирање и соработка, како и натамошно зближување на нашите народи. Патем, на крајот на септември во Скопје, со голем успех се одржаа Деновите на рускиот јазик и култура, на нивното отворање звучеше музиката на П.И.Чајковски и С.В.Рахманинов. Се разбира, нивните дела често се изведуваат на главната музичка сцена во земјата – во Филхармонијата на Република Северна Македонија – без нив, всушност, не е возможно да се замисли репертоарот на водечките музички сцени низ светот.

Драго ми е што хуманитарните врски меѓу нашите земји, кои се историски тесни, вклучително и поради јазичната и духовната блискост на рускиот и македонскиот народ, доследно се развиваат. Особено радува фактот што иницијативата за нивното зајакнување често доаѓа од заинтересирани групи што ги претставуваат уметничките и академските кругови на двете земји. Во врска со ова високо го цениме придонесот на Здружението на уметници и педагози „Арс Ад Астра“, кое ја подготви Вечерта на руска музика.

Битола, без претерување, зазема посебно место во историјата на односите меѓу нашите земји. Од втората половина на 19 до почетокот на 20 век овде се наоѓаше конзулатот на Руската империја, а неговиот симболичен наследник – Почесниот конзулат на Руската Федерација – следната година ќе слави дваесетгодишнината на неговата работа. Близу до музејот, во кој се наоѓаме сега, беше подигнат меморијалниот крст во чест на рускиот империјален конзул А.А. Ростковски, кој загина во 1903 година при извршување на својата должност.

По 1917 година, многу наши сонародници-емигранти најдоа нов дом во градов – Битола со право се сметаше за еден од центрите на „руската колонија“ на македонското тло. Заедницата на руски сонародници, како и организациите за руско-македонското пријателство, активно се застапени во животот на градов и во нашето време. Убеден сум дека присутните го делат мислењето дека во Битола се чува дел од руска душа. Користејќи ја оваа прилика, би сакал да му се заблагодарам на раководството на Општината и лично на г-ѓа Наташа Петровска за постојана подготвеност за соработка.

Како заклучок – искрена благодарност до организаторите и изведувачите – Татјана Божиновска, Маја Божиновска, Билјана Димовска и Горјана Стојановска. Ви посакувам успешно одржување на вечерта и натамошни креативни успеси, а на сите присутни – најпријатни впечатоци од магичниот свет на музиката.

Ви благодарам за вниманието.“