ПРИЧИНАТА ЗА КРИЗАТА ВО УКРАИНА НЕ ТРЕБА ДА СЕ БАРА ВО РУСИЈА
Дописник: Биљана Здравковска
Фотографија: Ивана Кузмановска
Г-дине Амбасадоре, Амбасадорот на Украина во своето интервју во Капитал прилично отворено ја обвини Русија дека води необјавена војна кон Украина и дека Русија со нејзиното мешањето во управувањето на земјата е најголем виновник за ситуацијата во Украина. Каков е Вашиот став? Кои се според Вас причините за кризата во Украина?
Пред се заблагодарам на редакцијата на магазинот „Капитал" за сè, би сакал да и интересот за руските оцени за ситуацијата во Украина, за подготвеноста да се слушнат различни гледни точки за трагичните настани што се случуваат таму. Ваквиот приод е особено важен во услови кога западните и украинските медиуми фактички го блокираат ширењето на објективни информации во врска со овој сериозен проблем. Можам да Ви признам дека сум запрепастен кога гледам програма на западни телевизии кои или го замолчуваат ужасот што се случува во Украина или, пак, целосно ги извртуваат случувањата. За украинската телевизија воопшто и да не зборувам: таму се само параноја, русофобија и лага.
Кога станува збор за обидите – без разлика од каде доаѓаат – да се обвини Русија за „водење необјавена војна против Украина" или за „мешање во управувањето на таа земја", ваквите тврдења се смешни и немаат ништо заедничко со реалната стварност. Целта на оваа масовна дезинформација е очигледна – да се оправдаат монструозните злосторства на новите власти во Киев против сопствениот народ, што доведе до дестабилизација и до раскол во земјата, а исто така и да се обели образот на оние западни држави кои му овозможуваат на овој режим политичко покритие. За какво „мешање на Русија во управувањето на Украина" може да се стане збор, кога сите конци во управувањето со оваа земја одамна веќе ги влечат Вашингтон и Брисел, а сегашните киевски власти само послушно ги почитуваат нивните „препораки"? Да ги видиме конкретните факти. Од телефонскиот разговор на помошник-државниот секретар на САД г-ѓа Нуланд со амбасадорот на САД во Киев кој излезе во јавноста недвојбено може да се заклучи дека токму Вашингтон ја игра главната улога во назначувањето на функциите на „промајдановското" раководство на Украина и всушност ги одредува неговите одлуки и политичкиот курс. Никој не може да негира дека десетици американски советници, меѓу кои и од специјалните служби, де-факто ја контролираат работата на клучните украински министерства, а на територијата на оваа земја непречено дејствуваат стотици американски вооружени платеници. Невозможно е да се одрече и јавното признание на истата г-ѓа Нуланд, која потврди дека во последниве години во САД само по официјални канали во „зацврстувањето на демократијата" на Украина се инвестирани над 5 милијарди американски долари. Како заврши оваа „демократизација" е познато: со државен удар, освојување на власта од страна на неонацистите, со масови нарушувања на човековите права, со терор и со убиство на населението, со распад на земјата и со казнени операции против неистомисленици, во кои „новите демократи" на големо користат тешка артилерија, оклопни возила, авијација и хеликоптери. Бројот на убиени, меѓи кои најголемиот дел се деца, жени и стари лица, веќе оди на илјадници.
Уверен сум дека доколку не постоеше директно мешање на Западот, пред сè на САД, во внатрешните работи на Украина на страната на екстремистичките сили, денес таму немаше да имаме крвави борби, и независната Украина ќе успееше достоинствено да ги надмине своите проблеми, да го зачува суверенитетот, територијалниот интегритет, мирот и стабилноста. Најголемата грешка на Западот, која испровоцира ескалација на украинската криза – а тоа веќе го признаваат лидерите на водечките држави од Европа – беше и обидот во ултимативна форма да се постави Украина пред вештачки избор помеѓу Русија и Европската унија. Во нашата глобална епоха и, што е ушто поважно, имајќи го предвид мултинационалниот карактер на населението на Украина, историските особености на формирањето и на развојот на таа држава, структурата на нејзината економија, ваквите барања претставуваат целосен политички и економски апсурд.
Ќе треба да констатираме дека, како и во случаите со Југославија, Ирак, Либија, Сирија, народот на Украина стана „колатерална штета" на обидите на Вашингтон и на Брисел по секоја цена да ја рашират сферата на своето влијание. Тука се наоѓа и сржта на проблемот. За жал, украинските „политички елити", кои се сега на власт, а кои се потпираат на олигархискиот капитал, на системот на тотална корупција и на ултранционалистички идеи, ја загуби поддршката и довербата на сопствениот народ и се покажаа неспособни да се борат за интересите на земјата, што доведе до политички и економски колапс на Украина.
Како гледате на улогата на Русија во оваа криза? Кои се интересите кои Русија ги брани во Украина?
Како и секоја друга земја, без разлика дали е САД или Македонија, Русија е заинтересирана да има пријателски, заемно корисни односи со соседните држави. Украина не е само најблизок сосед на Русија. Во текот на многу векови ние сме живееле во иста држава, ние сме братски народи и никаква русофобна пропаганда на денешната власт во Киев и на нивните западни спонзори не е во состојба да ја измени оваа реалност што ни е дадена од Бога. Рускиот и украинскиот народ се обединети со единствено цивилизациско пространство, со нераскинлива заедничка култура, со милиони мешани семејства. Ние имаме заедничка граница долга 2 илјади километри, заемни врски кои се историски градени и економии кои се надополнуваат една со друга, транспортна и енергетска инфраструктура, огромна стоковна размена, илјадници заеднички проекти. Ако се земат предвид овие фактори, Русија како никој друг е заинтересирана за мирна, вистински суверена и просперитетна Украина. Во тоа се огледа и нашиот главен интерес во Украина. Треба да се одбележи дека силните социјално-економски и политички проблеми во Украина започнаа одамна, односно од времето на прогласувањето на нејзината независност. Сиве овие години токму Русија, а не САД, Европската Унија или ММФ го носеше врз себе тешкиот товар на поддршката на украинската економија и на социјалните програми за населението на земјата. Вкупно таа помош во разни облици (кредити, субвенции, олеснувања, попусти, меѓу кои и на енергенсите) изнесува стотици милијарди долари. На секој човек со здрав разум треба да му биде јасно дека во такви услови „да се води необјавена војна" против Украина за нас е исто како што велат Американците „да си пукаш во сопствената нога". Повторувам – причината за кризата во оваа земја не треба да се бара во Русија.
Дали е можен воен конфликт помеѓу светските сили заради кризата во Украина? Дали светот влегува во нова студена војна?
Ние, Русите, сме оптимисти и се надеваме дека ниту украинската, ниту која било друга криза нема да доведат до такво сценарио кое е катастрофално за целата светска заедница. Сакаме да веруваме дека и нашите западни партнери ќе имаат доволно здрав разум за да не застанат на тој ќор-сокак и конечно да ги прекинат своите ризични геополитички игри, пред сè на границата со Русија. Современиот мултиполарен свет не е „шаховска табла ", а земјите и народите не се „фигури" на таа табла, кои можат да се движат според волја на Вашингтон. За жал, судејќи според неодамнешната изјава на претседателот Обама во Вест Поинт, таму сè уште слепо се верува во „американската исклучителност", во ексклузивното право „да раководат со сиот свет" и да им ја наметнуваат на другите земји својата волја. Ваквите имперски расположенија, кои го реанимираат духот на „студената војна", се апсолутно контрапродуктивни, а најважно се крајно опасни, и тоа во иста мера за сите. Сепак, се надевам дека на крајот од краиштата, сегашниот излив на емоции ќе стивне и дека нашите западни партнери, измерувајќи ги сите „за" и „против" ќе најдат во себе сили да се откажат од практиката за разгорување „портокалови револуции", од политика на разни видови „интервенции", од потпирање на силата и дека ќе ја осознаат неопходноста од премин кон прагматична и конструктивна агенда, која не на зборови, туку на дело ќе помогне за зајакнување на мирот, стабилноста и на меѓународната безбедност.
Како очекувате да се развива ситуацијата во Украина со оглед дека земјата е пред граѓанска војна, а интересите на светските сили како САД, Русија и Европа околу иднината на Украина се сосема спротивни?
Без оглед на сериозноста на ситуацијата, особено во источните области на Украина, ние се надеваме дека таму ќе се избегне понатамошна ескалација на вооружениот конфликт. За тоа сите фактори што ги наброивте – Русија, Европската унија и САД – треба да заземат принципиелен став за недопуштање на какви и да се насилни, а уште повеќе вооружени методи на борба со политичките опоненти. Од самиот почеток на заострувањето на кризата во Украина, Русија настојчиво повикуваше да се дејствува само во таа насока.
За жал, токму ваквата принципиелност сега им недостасува на нашите западни партнери. Сакам да потсетам дека во декември минатата година, за време на опозициските протести во Киев, кога поддржувачите на „Мајдан" пред очите на сиот свет фрлаа Молотови коктели врз претставниците на органите за ред и мир, првиот човек на Пентагон Чак Хејгел „сериозно ја предупреди" тогашната украинска влада „да не употребува вооружени сили против цивилното население во каква било форма", а претставниците на ЕУ постојано предупредуваа на „недопустливоста на насилство од страна на власта". Во исто време – и тоа е факт познат за сите – официјални лица на САД и на Европската унија отворено ги поддржуваа и ги спонзорираа антивладините митинзи. Кога против владата во Киев, која патем речено дојде на власт по противуставен пат, се изјаснија низа украински региони, тогаш САД и Европската унија постапија сосема спротивно и без колебање го поддржаа спроведувањето на таканаречената "антитерористичка", која всушност претставува казнена, операција против неистомисленици. Притоа Вашингтон, согласно изјавата на претставникот на стејтдепартментот на САД, Псаки, од 29 мај годинава, не ја смета оваа операција за насилен начин на решавање на проблемите, туку смета дека таа е само „неопходна мера за одржување на редот" и дека нема намера да го „коментира" бројот на жртви меѓу мирното население. Во Брисел за овој случај воопшто само констатираа дека моменталната украинска влада има „исклучително право на насилство".
На фонот на толку непринципиелна и неодговорна политика на нашите западни партнери и на луѓето што тие ги поставија во Киев, сега е мошне сложено да се прогнозира како ќе се одвиваат настаните во Украина и околу неа понатаму. Едно е јасно – ваквата политика ја охрабрува ескалацијата на насилството, во огромна мера ја засилува нестабилноста во оваа голема европска земја, што носи негативни последици за сите држави на „големата Европа", кои само што почнаа да „се извлекуваат" од продолжената финансиско-економска криза.
Сепак сум уверен дека излез од ваквата тешка ситуација може и треба да биде најден. Русија во повеќе наврати го маркираше: потребна е разумна политичка волја, заемно почитување и чесен дијалог, меѓу другото и за сегашноста и за иднината на Украина, јасни и усогласен дејствија на сите заинтересирани страни.
Пред извесен период Крим беше присоединет кон Русија, а најавени беа и серија други референдуми за отцепувања. Рускиот премиер Дмитри Медведев изјави дека Русија не може да го гарантира територијалниот интегритет на Украина. Како очекувате да се развива ситуацијата, ќе има ли нови присоединувања на територија на Украина кон Русија?
Ако мислите на интервјуто на шефот на руската влада Дмитриј Медведев за телевизискиот канал „Блумберг" од 20 мај оваа година, тогаш таму, како прво, беше детално објаснето дека присоединувањето на Крим кон Русија се случи откако Кримјаните на референдум со огромно мнозинство (93% од населението) се изјаснија за самоопределување (во 1991 година тоа го сторија и граѓаните на Македонија) и за влегување во состав на Руската Федерација . На тој начин, молбата за соединување со Русија дојде од независна држава и затоа тој процес, кој, впрочем, помина апсолутно мирно, никако не може да се нарече анексија.
Како второ, Медведев подвлече дека сега најважно е да се спречи граѓанска војна во Украина. Како трето, Киев е должен со почит да се однесува кон ставот на источните региони, да води сметка за нивните законски интереси и, доколку е навистина заинтересиран за зачувување на целосноста на државата, треба да ги отстрани причините кои ги натераа жителите на истокот на државата да бараат одделување од Украина.
Ќе спомнам дека протестите на истокот на Украина почнаа веднаш по првата одлука на новите власти во земјата, кои со сила истераа од парламентот значителен дел од пратениците (кои преминаа во опозиција) и го сменија законот кој дозволуваше употреба на рускиот јазик во својство на официјален јазик во регионите со значителен процент на рускојазично население. Потоа започнаа разрешувањата на нелојалните губернатори, шефовите на полицијата, бесчинствување на вооружени формации од милитантите на „Десниот сектор" и други неофашистички организации. Последните капки кои ја прелија чашата на трпението кај луѓето стана монструозното и неказнето уништување на повеќе од 100 луѓе на 2 мај во Одеса (многумина од нив неонацистите живи ги запалија), а исто така и направените масакри во Мариупољ и во Краматорск со десетици загинати. Затоа референдумите за отцепување, спроведени во областите Донецк и Луганск претставуваат директна последица од грубиот политички и насилен притисок врз луѓето кои живеат таму од страна на екстремистите кои дојдоа на власт во Украина. Токму во тој контекст Дмитриј Медведев изјави дека Русија не може да го гарантира останувањето во состав на Украина на нејзините источни области. Не би сакал да поедноставувам, но н е сакајќи ми доаѓа на ум паралела со човек кој се наоѓа во несреќен брак, во кој него виот живот е загрозен , го тепаат, го лишуваат од средствата за живот и од елементарните човекови права. Зар може соседот, па дури и роднините да гарантираат дека таквиот брак нема да се распадне? Одговорот е очигледен – тешко, доколку соседот, секако, е разумен и пристоен човек.
Исто така би сакал да ви обрнам внимание на тоа дека не само во Украина некои региони се стремат кон добивање независност од централната влада. Оваа тема е актуелна и во низа други европски држави. Сепак, ниту во Велика Британија, ниту во Шпанија, ниту кое било друго раководство на држава не го уништува населението на овие региони со помош на армијата, на варварски бомбардирања и со помош на терор на вооружените провладини банди. Тоа што се случува сега во југоисточните делови на Украина, каде секој ден поради овие злосторнички дејствија гинат мирни луѓе, со артилерија и авијација се уриваат детски градинки, школи, болници, стамбени квартови, не е ништо друго освен геноцид, етничко чистење и злосторство против човештвото. Се поставува прашање, дали можеби е време со оваа тема да се позанимава Меѓународниот кривичен суд во Хаг? Факти за таква истрага има повеќе од доволно.
По анексијата на Крим кон Русија, САД и ЕУ воведоа санкции кон одредени руски политичари и бизнисмени, а се најавуваат и дополнителни мерки и санкции. Какви се според Вас економските и другите ефекти од санкциите кои Русија ги чувствува и како Русија ќе реагира на нив?
Нашиот став во однос на какви било санкции беше и останува непроменет. Тој е базиран на универзално признатите норми на меѓународното право: санкции може да воведува само Советот за безбедност на ОН и само во случаи предвидени во Повелбата на оваа светска организација. Какви било други санкции се едноставно незаконски и неморални, тие не само што го прекршуваат меѓународното право, нанесуваат колосална штета на принципите на соработка, туку и се штетни за сите , меѓу другото и за оние, кои прибегнуваат кон нив.
Во современиот свет, како што е познато, сè е меѓусебно поврзано и меѓусебно зависно. Тоа, пред сè, се однесува, се разбира, на деловните врски, а тие, како што сите прекрасно знаеме, се базираат на принципите на заемен интерес, заемна корист. Затоа, да се жртвуваат бизнисот и заемно корисната соработка заради политички амбиции на одделни земји – а тоа се, Ве уверувам, многу мал број земји кои можат да се избројат на прстите од едната рака – во краен случај, е непродуктивно и напросто неразумно.
Претседателот на Русија Путин и Министерот за надворешни работи Лавров многупати имаат истакнато дека Русија нема намера да дејствува според принципот „око за око, заб за заб" и за возврат да воведува симетрични санкции. Ова, повторувам, не е нашиот метод. Ние им пристапуваме на таквите предизвици креативно, а не шаблонски.
Притоа, се разбира, не можеме да не водимее сметка за ваквите непријателски чекори вонатамошно градење односи со едни или со други наши партнери: ние сме подготвени и ќе зацврстуваме соработка со оние кои, како и ние, се раководат од принципите на соработка базирана врз заемна почит, рамноправност, отвореност и прагматичност.
Како ги оценувате последните избори во Украина? Дали овие резултати можат да променат нешто во ситуацијата?
Претседателските избори во Украина, како што сите можевме да видиме, се одржуваа во услови на вистинска граѓанска војна. Јасно е дека да се обезбеди во такви околности вистински фер и демократско изразување на волјата на граѓаните е апсолутно невозможно. Токму така и излезе... Сепак, мислам, во дадената ситуација изборите се еден чекор во вистински правец: зашто во Украина по февруарскиот државен удар, всушност, потполно отсуствуваше легитимна власт, владееше административен хаос.
Сега, без оглед на тоа што претседателските избори тешко, дури и со голема резерва, дека би можеле да се наречат чесни и фер, во земјата сепак постои шеф на државата. Нам ни изгледа дека тоа е позитивен момент. Колку ќе придонесе за стабилизирање на ситуацијата, зависи, пред сè, од самиот нов претседател на Украина, од тоа, дали повеќе ќе сака да ја продолжи војната против сопствениот народ и на тој начин да ја „докрајчи" својата земја или, пак, ќе го слушне гласот на разумот кој повикува на итен прекин на крвопролевањето, почеток на широк транспарентен општонароден дијалог, спроведување на суштествени уставни реформи. Во ова ја гледаме перспективата за излез од украинската криза. И не само ние. Зашто сите тие обврски се запишани во извесната спогодба од 22 февруари, потпишана, впрочем, не само од новиот киевски режим, туку и од официјалните претставници на земјите од ЕУ – Германија, Франција и Полска, а исто така и во Женевската спогодба од 17 април и во "патната карта" изработена од ОБСЕ врз основа на таа спогодба.
Рускиот претседател Владимир Путин на економскиот форум во Санкт Петербург изјави за загриженост заради заканите на радикалите во Украина дека ќе го прекинат испораката на руски гас во Европа. Како очекувате да се развива снабдувањето со руски гас со оглед на фактот што Русија обезбедува 30% од потребите на Европа за гас, а околу половина од тој гас се испорачува преку нафтоводи кои минуваат низ Украина?
Руското раководство прави сè за испораката на гас по оваа маршрута во Европа да се одвива непречено и стабилно. Ќе појаснам. Ние немаме никакви проблеми со земјите-кориснички на рускиот гас во Европа. „Слабата алка" тука е Украина која му должи на „Гаспром" за веќе потрошениот гас над 5 милијарди долари, а која не сака да ги плати долговите и, користејќи ја својата положба на еден од клучните транизтери, повторно се обидува да ги уценува и Русија, и Европа. Нашиот став е чесен, разбирлив и апсолутно пазарен: си зел стока – треба да платиш за неа. Притоа, подготвени сме, имајќи ја предвид моменталната тешка состојба на економијата на Украина да дејствуваме џентлменски флексибилно и конструктивно, да му дадеме можност на Киев да го плати долгот на рати, да направиме разумни попусти врз основа на „пакет-спогодба" со јасни гаранции за исполнување на обврските од страна на украинските партнери. Ние не бараме ништо што би било надвор од рамките на општоприфатените правила, но нашето повеќегодишно искуство со украинските колеги покажува дека јасни гаранции се апсолутно потребни во овој случај, зашто истите оние личности кои денес раководат со енергетиката и со гасната гранка во Украина веќе одамна се покажаа, најблаго кажано, како не сосема сигурни партнери. Тргнувајќи од тоа, руската страна прави сè што е можно за да се „осигури" и себеси и корисниците на рускиот гас во Европа. Така на пример, доколку Киев сепак одбие да го плати износот од 3,5 милијарди долари услогласен деновиве во преговорите со учество на Русија, ЕУ и Украина, или доколку го одолговлекува плаќањето, што ќе го принуди „Гаспром" сепак да премине на системот за претплата на гас, ние разгледуваме две можни варијанти за понатамошен развој на настаните. Првата е: Украина продолжува со транзит на гасот наменет за Европа, користејќи ги за своите внатрешни потреби гасните резервоари, кои сега, благодарение на испораките од Русија се полни, а кои, патем речено, досега сè уште не се платени. Овие резерви се доволни за 2 до 3 месеци. Втората: Украина ќе почне незаконски да одзема, односно едноставно да краде (а вакви работи се случувале и порано) гас, кој е наменет за европските земји. Но, дури и во таков случај ќе бидеме во можност да ја обезбедиме Европа со гас во летниот период со зголемување на протокот на „Северниот тек". Поаѓајќи меѓу другото и од искуството од 2009 година кога Украина исто така одбиваше да се придржува до своите обврски, сметам дека на Македонија, без разлика по кое сценарио ќе се се заканува запирање на испораката, бидејќи развиваат настаните, не и количините на гасот што ги троши вашата земја изнесуваат сега незначителен процент од гасот што се испорачува по југозападната траса.
Воопшто, да се изразам на јазик разбирлив за сите, ситуацијата со испораката на рускиот гас за Украина и неговото плаќање отприлика е следнава:
Влегува Трпе во бурекџилница и прашува: Колку чини четврт бурек? Му одговараат: 50 денари. Трпе бара еден бурек, пред очите на сите го јаде и, вадејќи дебел паричник со крупни банкноти, вели: Бурекот е многу вкусен, но ќе Ви дадам за него само 25 денари. Продавачот негодува: Па, не е фер?! Трпе: Кажи фала и за толку, инаку можам и да не ти го платам!
Како гледате на реализацијата на проектот Јужен тек во контекст на сите овие конфликти? Овој проект е еден од најочекуваните и во Македонија иако се уште не е јасно на кој начин Македонија ќе биде вклучена...
Нас н è загрижува резолуцијата на Европскиот парламент и изјавата на претседателот на Европската комисија Баросо, кои пречат на реализацијата на овој мултилатерален проект. Сметаме дека зад тоа стојат како политички мотиви, така и обиди со помош на „вонпазарни методи" да се поткопа објективната конкурентна предност на Русија во енергетската сфера. Колку и да е тажно, но се чини дека Брисел не е заинтересиран за поддршка на ваквите значајни проекти, кои можат ефикасно да ги решат острите економски, социјални и еколошки проблеми во балканскиот регион.
Впрочем, во ЕУ постои и поинакво - позитивно – гледиште, чија потврда стана, меѓу другото, потпишувањето на 29 април на Меморандумот за намери за реализација на проектот „Јужен тек" на територијата на Австрија.
Убеден сум дека здравиот разум на крајот на краиштата ќе надвладее и бриселската бирократија ќе ги прекине своите обиди да „става сопки" за овој проект, важен за сите земји од регионот, наменет за обезбедување на нивната енергетска сигурност. Во оваа смисла неговото значење за Македонија не може да се прецени, имајќи ги предвид плановите на раководството на републиката за гасификација во државни размери. Изградбата на гасоводна мрежа на целата територија на Македонија со приклучок кон „Јужен тек" за вашата земја има стратешки карактер, ќе овозможи реализација на префрлување на низа клучни индустриски и енергетски објекти на квалитетно ново ниво на снабдување со енергија и суштински ќе ја намали цената на производството на тие претпријатија.
Комплексната гасификација, која подразбира приклучување на домаќинствата и комуналните објекти, значајано ќе ја олесни еколошката ситуација во големите населени места во Македонија (Скопје, Тетово, Куманово), степенот на загадување на воздухот во кои, во што се убедивме оваа зима, ја надминува нормалата десетици пати.
Како што знаете, во 2013 година беше потпишана меѓувладината спогодба за приклучување на Македонија кон „Јужен тек". Експертските групи на „Гаспром" и Министерството за енергетиката на Русија се занимаваат со обработка на првичните податоци за подготовка на физибилити-студија за проектот. Очекуваме дека во јули оваа година во Македонија ќе биде објавен тендер за изработка на физибилити-студијата. На тој начин, до крајот на годинава ќе можеме да одиме на формирање заедничка компанија која ќе се занимава со изградба на кракот на гасоводот.
Како ги оценувате односите со Македонија? Како очекувате тие да се развиваат во иднина со оглед на моменталните политички случувања околу Украина и аспирациите на Македонија да стане членка на НАТО?
Сметам дека руско-македонските односи се развиваат во позитивен правец и добиваат последниве години добар импулс за интензивирање на обостраната активност во сите сфери на билатералната соработка. Несомнено е дека уште многу треба да се направи, но генерално сме задоволни од нејзиното ниво. Што се однесува до стремежот на Македонија да стане членка на НАТО, учеството во една или друга регионална или меѓународна организација безусловно претставува право на секоја суверена држава. Притоа, бидејќи претставувате списание претежно економски ориентирано, ќе се согласите со тоа, дека е разумно, како што велат Англичаните, „да не се ставаат сите јајца во една кошница". Попрагматично и подалекувидно е да се погрижиш членството во надворешни структури да не пречи на развојот на соработка со други држави, во дадениов случај – со Русија.
Македонија има мала трговија со Русија, но таа би можела да се зголеми ако двете земји потпишат договор за безцаринска трговија. Колку е тоа можно да се очекува да се случи и како, според Вас, би можеле да се зголемат економските и трговските односи помеѓу двете земји?
Перспективата на решавање на ова прашање е тесно поврзана со нивото на развој на трговско-економската соработка меѓу наште земји, обемот на меѓусебна трговија , степенот на деловната и инвестициска клима во односите меѓу економските оператори на Русија и на Македонија. Јасно е дека колку подобри се овие показатели, колку поширока е соработката, толку поголеми се шансите за дополнителни заемни царински олеснувања, преференции. Нашето искуство од соработката со други земји покажува дека либерализацијата на надворешна трговија значително го зголемува обемот на промет на стоки. Ова е особено актуелно по потпишувањето на 29 мај оваа година на Договорот за формирање на Евроазиска економска унија со учество на Русија, Белорусија и Казахстан, што како резултат го има формирањето на новиот огромен и перспективен заеднички пазар. Во скоро време ќе му се приклучат уште неколку држави. На тој начин, доколку со заеднички напори со владата на Македонија, успееме да склучиме спогодба за слободна трговска зона, тогаш тоа, несомнено, ќе има исклучително голема важност за вашите производители и извозници. Ќе продолжиме да работиме во таа насока.