Назад

ПАК ЗА ВОЈНАТА И ЗА МИРОТ. КОЛУМНА НА АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА г-дин ОЛЕГ ШЧЕРБАК, ОБЈАВЕНА ВО "НОВА МАКЕДОНИЈА", 20.09.2017

На 21 септември светската заедница го одбележува Меѓународниот ден на мирот, кој во 1981 година со одлуката на Генералното собрание на ОН беше прогласен за празник на хуманизмот и на соработката. Главната порака на Денот на мирот е откажување од насилството и од војната и затоа, според традицијата, секоја година на 21 септември ОН ги повикува сите страни што војуваат да се воздржат од борбени дејства барем на овој еден ден. На 21 септември 2017 година, во 8 часот наутро, Амбасадата на Русија ги поканува сите да учествуваат во манифестацијата „Гулаб на мирот“, на која масовно истовремено се пуштаат балони со бели хартиени гулаби. Првпат овој многу светол и добар настан се одржа во 2014 година и секоја година популарноста на проектот сè повеќе се зголемува. Во 2016 година во овој флешмоб учествуваа веќе пет милиони луѓе во 35 земји од светот. Оваа година „Гулабот на мирот“ првпат ќе се вивне во Македонија, во Скопје, во дворот на училиштето „Димитар Миладинов“. Со години човештвото ја перципираше војната, како што кажа познатиот воен теоретичар Карл фон Клаузевиц, како природно „продолжување на политиката со други средства“. Несигурни повици кон мирот, кои доаѓале од проповедници, писатели, филозофи, се давеле во океаните на крвта, кои со толку јарост и страст ги пролевале луѓе во најразлични делови на планетата. Во усовршувањето на методите на немилосрдното самоуништување, нашата цивилизација помина трнлив пат од стап до нуклеарно оружје.

Меѓутоа, 20 век, со двете најразурнувачки светски војни во историјата, стана злокобен знак за човештвото. Смрт на десетици милиони луѓе, холокауст и фашистички селективен геноцид на народите на СССР и на Европа, а врвна точка на бруталноста на војната беше нуклеарно бомбардирање од американските воздухопловни сили на јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Се чинеше дека оттогаш целиот свет за векови прими сигурна вакцина против неодговорната и неселективна употреба на сила. Војната веќе не можеше да биде „продолжување на политиката“ или нормална, прифатлива појава, бидејќи истата таа донесе реална закана од самоуништување на планетата.  За жал, соодветен заклучок од сите овие трагедии не беше направен и сонот на повеќе генерации за сеопфатен мир остана само сон. Во изминатите години, од крајот на Втората светска војна, почнувале, тлееле, згаснувале и се запалувале со нова сила многу локални конфликти во Африка, Азија, Латинска Америка, на Блискиот Исток, на територијата на поранешните СССР и Југославија... Според податоците на американскиот истражувач Милтон Лајтенберг, во воените конфликти низ целиот свет во периодот од 1945 до 2000 година загинаа повеќе од 40 милиони луѓе. Најтажното во оваа страшна статистика е зголемениот број на жртвите меѓу цивилното население. Според податоците на ОН, околу 90 отсто од загинатите и повредените во оружените конфликти во периодот од 1987 година до денешен ден беа цивили, а најмногу страдаа најранливите категории на населението, односно старци, жени и деца. За споредување, меѓу 50 милиони загинати во Втората светска војна само секој втор беше цивил, а во Првата светска војна уделот на цивилното население во вкупната бројка на загинатите не изнесуваше повеќе од 5 отсто.  Светската заедница горе-долу воспостави механизам за спротивставување на заканата од глобалната војна, кој сега пред нашите очи поминува низ проверка со уште едно заострување на ситуацијата на Корејскиот Полуостров. Но, сама по себе, војната како метод на решавање на политичко-економски, меѓуетнички и меѓурелигиски проблеми не исчезна, па дури и обратно - стекнува сè пострашни и погрди форми.

Границата меѓу 20 и 21 век стана период кога се појави нов тип војна - терористичка војна. Од борбените дејства, редовни и партизански, од изминатите години, истата таа се разликува со следната принципиелна особина. Главен објект на напади не се вооружени трупи, туку цивилно население, што значи дека главен удар се врши врз граѓанската инфраструктура, односно болници, училишта, трговски центри, јавен транспорт, станбени згради... Во изминатите неколку години, освен организирани радикални групи, какви што се ИСИС и Џабхат ал Нусра, кои водат терористички војни од многу голем размер, користејќи го меѓу другото и хемиското оружје, се појави цела армија фанатични поединци со мозоци исполнети со радикална пропаганда, што само ја зголеми убиствената ефикасност на теророт. Прво, се намали цената на терористички напади. Сега за убиство е доволно да се има какво било прирачно средство, од импровизирана експлозивна направа подготвена во кујна или во гаража, до камион што ги гази луѓето. Второ, многу е тешко, речиси е невозможно таквите терористички напади да се предвидат и да се спречат. Можеби како апсолутна бројка штетата од поединечен терористички напад не е толку голема, но ако постои желба, таа технологија на насилството овозможува во кој било дел на планетата да се создаде вистинска терористичка машина со десетици или дури стотици такви џелати способни наеднаш да ја парализираат дејноста на ресорите за управување и органите за одржување ред и мир, да сеат паника меѓу цивилното население. Во оваа нова реинкарнација теророт се пројавува на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Сирија, Ирак, Либија, Египет. Во изминатите години „бацил“ на теророт активно се проширува во Европа, а стигна и до САД. Терористичката војна не е фантом, туку сериозна закана по целото човештво, која само се зголемува и може да доведе до хаос, а потоа и до перманентна нестабилност во национални, регионални и светски размери. 

Предизвик од таквото ниво бара напори од целата меѓународна заедница, создавање единствен антитерористички фронт, додека обидите за користење на терористите во свои геополитички и други интереси претставуваат злосторство во однос на целото човештво.

На прв поглед Меѓународниот ден на мирот изгледа наивно, особено во условите на цинични дејства на политичари и дипломати од одделни земји што на зборови се залагаат за мир и демократија, а на дело подготвуваат терен за појавување на терористи и радикали насочени кон уривање на цели земји и региони. Меѓутоа овој празник е од големо хуманитарно антивоено значење, истиот тој претставува ѕвезда водилка што треба да ја следат сите земји што себеси се сметаат за дел од меѓународната заедница. За среќа, во рамките на ОН, која стана најрепрезентативна и најуниверзална меѓународна организација во историјата на светската дипломатија, е подготвен арсенал од механизми способни во практика да го намалуваат конфликтниот потенцијал во светот. На пример, од големо значење е системот на меѓународното право, кој се темели врз Хашките конвенции од 1899 и 1907 година, како и Женевската конвенција од 1949 година. Исто така заслуга на ОН е усвојување на програмските документи за разоружување, меѓу кои стожерен елемент е Договорот за непроширување на нуклеарното оружје од 1970 година. Посебно треба да се истакне клучната улога на Советот за безбедност на ОН во предупредувањето и прекинувањето на оружените конфликти низ целата Земјина топка, како и во нивното мирно решавање.  Генерално, ОН поседуваат доволен потенцијал и систем на механизми за спречување оружени конфликти. За ефикасна употреба на сите тие инструменти не се неопходни бомбастични изјави за реформи, не декларативно, туку реално следење на принципот на еднаквоста на државите и на непоколебливоста на меѓународното право.  Идеите за доминација на едните држави над другите, како и обидите за градење безбедност на едните држави на сметка на безбедноста на другите, треба да се остават во минатото, треба да се запре политиката на делење на светот на воени блокови и на наметнување на својата волја и на своите вредности на целиот свет, треба да се откаже од „двојните стандарди“. Само обединување на рамноправни слободни држави ќе може да ја спаси планетата од падот во бездната на војната, да му даде отпор на меѓународниот тероризам, на другите разурнувачки предизвици, од кои, како што покажува реалниот живот, не е осигурена ниту една земја. На крајот на краиштата, битно е да се сфати дека во 21 век светскиот поредок може да биде само мултиполарен, во спротивно тој воопшто нема да постои.