Назад

ЛЕКЦИИТЕ ОД МИНХЕН. КОЛУМНА НА АМБАСАДОРОТ НА РУСИЈА ВО МАКЕДОНИЈА г-дин ОЛЕГ ШЧЕРБАК, ОБЈАВЕНА ВО "НОВА МАКЕДОНИЈА", 29.09.2017

Точно пред 79 години, на 30 септември 1938 година, авионот на премиерот на Велика Британија, Невил Чемберлен, слета во Лондон. Шефот на британската влада се врати од Конференцијата во Минхен, на која, освен неговата земја, учествуваа Франција, Германија и Италија. На пистата на аеродромот премиерот беше пречекан од толпа новинари. Невил Чемберлен, држејќи во рацете лист хартија, изјави: „Ѝ го донесов мирот на нашата генерација“.

Денес, знаејќи ги деталите од тоа што се случуваше во Минхен во септември 1938 година и од тоа што се случи потоа, се чудиме од апсурдноста на таа изјава. Но тогаш многумина и во Лондон, и во Париз верувале дека нивните земји избегнаа нова голема војна. Истото мислење го споделуваа и во Вашингтон. Да се потсетиме барем на познатата по нејзината лаконичност честитка од Френклин Рузвелт до Невил Чемберлен: „Секоја чест!“ Но имало и такви што ги разбирале последиците од таа кобна одлука. Меѓу нив бил и идниот лидер на Велика Британија Винстон Черчил, кој тогаш во Британија изрече една крилатица: „Чемберлен имаше избор меѓу војната и срамот. Сега тој го одбра срамот - војната ќе ја добие подоцна“. Оваа прогноза се оствари. За помалку од една година Европа и целиот свет ќе ги опфати пламенот на најуривачката војна во целата историја на човештвото, Втората светска војна.

Договорот од Минхен, кој резултира со т.н. Судетска криза, предизвикана од фашистичката Германија, доведе до распарчувањето на Чехословачка и до анексијата од Третиот рајх на индустриски развиените реони Судет. На Чехословачка не ѝ дозволија да биде учесничка во потпишувањето на документот. Претставниците на земјата само беа ставени пред свршен чин. Франција со потпишувањето на овој документ, кој е без преседан по неговата форма и срамен по суштината, се откажа од своите обврски на сојузник на Чехословачка во одбраната на нејзината независност и територијален интегритет, утврдени со соодветниот билатерален договор уште во 1925 година. Невиден настан по неговата аморалност, кој се случи во Минхен во септември 1938 година, остана во историјата и во дипломатската практика под пригоден назив - Минхенски договор. 

Минхенскиот договор е врвна точка во низа настани што континуирано и неизбежно водеа кон зголемување на агресивниот потенцијал на Германија, кој започна со доаѓањето на Хитлер на власт. Во 1935 година нацифашистите воведоа сеопшта воена обврска, грубо прекршувајќи ги одредбите од Версајскиот договор за ограничување на вооружувања. Во 1936 година Вермахтот, исто така илегално, ја освои демилитаризираната рајнска зона. Во 1938 година се случува „аншлус“, односно анексијата на Австрија. Велика Британија и Франција, двете најмоќни сили во Западна Европа во тоа време, победници во Првата светска војна, рамнодушно гледаа како Хитлер едноподруго нанесува удари врз версајскиот систем на меѓународните односи, чии гаранти беа самите тие земји.
Пасивноста на Лондон и на Париз, која тогашните лидери на западните демократии ја образложиле со „политика на смирување“, била диктирана од едноставна и цинична пресметка - лидерите на Велика Британија и на Франција очекувале да ги задоволат растечките апетити на нацифашистите на сметка на земјите од Источна Европа, а самите да избегнат директен судир со Хитлер. Исто така, мнозинството политичари во овие земји не ја криеле својата наклонетост кон Хитлер, кого го сметале за „ужасно, но сепак свое дете“. Овие луѓе верувале дека токму нацифашизмот ќе биде најмоќен алат во борбата против Советскиот Сојуз, кој поради антируското расположение, кое тогаш упорно се ширеше во Европа, истите тие го сметале за поопасен противник отколку што е Третиот рајх. Тезата „Подобро е Хитлер отколку Сталин“ ја одразуваше суштината на ставовите на западниот пропаганден мејнстрим.

Минхенскиот договор беше неповратна точка во преминувањето од мир кон војна и сосема ја промени рамнотежата на силите во Европа. Хитлерова Германија, која за џабе доби модерни тенковски фабрики и фабрики за оружје, големи човечки и индустриски ресурси, се засили до нивото доволно за да ги покани на директен мегдан Велика Британија и Франција. Веќе во март 1939 година, односно за помалку од половина година, Берлин го прекрши Минхенскиот договор - остатоци на Чешка беа окупирани. Истиот месец Германија ѝ го грабна на Литванија градот Мемељ (сегашен Клајпед). Во пробата на силите нацистите ги победија западните демократски сили. „Политиката на смирување“ на Адолф Хитлер пропадна. Новата војна беше неминовна.

Долги години беше неоспорен фактот дека во низата грешки што доведоа до катастрофата во септември 1939 година, решавачка беше токму Минхенскиот договор. Но денес на Запад, каде што информативните војни, лажните вести и ревидирањето на историјата станаа норма во политиката, сè поактивно се наметнува мислењето дека Втората светска војна наводно не била последица од договорот во Минхен, туку од договорот меѓу Германија и СССР за ненапаѓање (повеќе е познат како пактот Рибентроп-Молотов), потпишан на 23 август 1939 година, односно речиси една година по Минхенскиот договор. „Историчарите“ и политичарите што ја буткаат оваа ноторна лага прават филм дека политиката на неотпор на нацистичкиот режим спроведувана тогаш од западните земји никако не е поврзана со почетокот на Втората светска војна. Обидувајќи се да ја оправдаат нивната порочна политика, тие отворено ја префрлуваат на нашата земја, заедно со Германија, одговорноста за распалување на војната и на тој начин Советскиот Сојуз (и современа Русија како негова правна наследничка) го изедначуваат со Третиот рајх. Овој филм, кој претставува груба фалсификација на историјата, има за цел на нашиот народ да му го одземе правото на неговата Победа во Втората светска војна, да го стави под сомнеж целиот меѓународен систем на повоениот светски поредок, да ги презентира нашите војници што ја ослободија од фашизмот цела Источна и Централна Европа како освојувачи и окупатори, а од Русија да создаде непријател и на тој начин идеолошки да ја образложи неопходноста таа да биде изолирана и казнета. Најупорна во демонизирањето на СССР е Полска, чии политички елити, играјќи си со традиционалниот национализам на нивните граѓани што го наметнуваат самите тие елити, целат својата земја да ја претстават како жртва на агресија не само на Хитлерова Германија туку и на Советскиот Сојуз. Се слушаат сосема сериозни повици на Русија да ѝ се наплати репарација за „окупација“, а воените споменици на речиси 600 илјади советски војници загинати во ослободувањето на полските територии од германските фашисти во периодот од 1944 до 1945 година, систематски се сквернават и уништуваат, прекршувајќи ги сите норми на моралот и честа, како и одредбите од руско-полскиот договор за гробишта и меморијали на жртвите на војните и репресиите.


Тие што се запознаени со историјата на Полска знаат дека во периодот меѓу двете војни во оваа држава беше воспоставен режим што отворено ги негираше демократските норми и принципите на рамноправност, за тоа сведочи и бруталната дискриминација на неполското население во припоените кон Полска Западна Украина и Западна Белорусија. Во својата надворешна политика Варшава за „непријател број еден“ ја сметала Москва и, кога на власт во Германија дојде Хитлер, кој не ја криел својата омраза кон СССР, Полска се фрла во прегратки на Третиот рајх. Во 1934 година Варшава и Берлин го потпишаа пактот за ненапаѓање, а во 1938 година „Втората Жечпосполита“, заедно со Германија и со Унгарија директно учествуваше во разделбата на Чехословачка со освојувањето на Тешинска Шлезија - спорна територија со мешаното полско-чешко население. Веќе одамна не е тајна дека тогаш полски и германски воени лица и дипломати дискутирале за проектот на заеднички „крстоносен поход против болшевизмот“, односно воена инвазија во СССР.

Додека властите во Полска на секој начин кокетираа со нацистите, Москва добро ја разбираше агресивната суштина на Третиот рајх и правеше сè за создавање единствен фронт на борбата против Хитлер и на другите европски држави им предлагаше формирање систем за колективна безбедност на континентот. Прв чекор на тој пат требало да бидат договорите за заемна помош со Франција и Чехословачка потпишани во 1935 година. Од почетокот на Граѓанската војна во Шпанија, Советскиот Сојуз им помагаше на легитимните власти во нивната борба против шпанските пучисти поддржани од Германија и од Италија. Во 1938 година, во времето на Судетската криза, СССР беше единствена земја што ѝ предложи воена помош на Чехословачка и може да не се сомнева дека ќе беше дадена, да не беше ставот на полските власти, кои се договорија со властите на Романија и категорично одбија да ги пропуштат трупите на Црвената армија низ својата територија, што го предодреди распарчувањето, а потоа и целосното уништување на Чехословачка. Дури и по Минхенскиот договор Москва се обидуваше да најде допирни точки со Лондон, Париз и Варшава, им предлагаше да се потпишат договори за заемна помош. Но Велика Британија и Франција иницијативата на СССР ја перципираа многу неодговорно. Последните преговори во јули 1939 година во Москва пропаднаа бидејќи британско-француската делегација немаше овластување дури да ги води. Полска воопшто одби да преговара со СССР за воена соработка. Во ситуацијата кога идејата за колективно запирање на Германија беше конечно погребена, Москва, која благодарение на напорите на русофобите се најде сосема сама и загрозена од воена инвазија, мораше да се погрижи за своите национални интереси и да го потпише со Германија договорот за ненапаѓање што на Советскиот Сојуз му овозможи да добие во времето и подобро да се подготви за отпор на Хитлеровата агресија. Притоа битно е дека согласност или одбивање од страна на СССР да го потпише пактот за ненапаѓање не можеа да влијаат врз плановите на Берлин да ја започне војната. 

Одлуката за ликвидација на полската држава Хитлер ја донел уште на 23 мај 1939 година, односно три месеци пред потпишувањето на пактот Рибентроп-Молотов.
Обидите пост фактум да ја префрли одговорноста за распалување на Втората светска војна на СССР немаат никаква врска со историската вистина, спротивни се на веродостојните факти и претставуваат врв на аморалноста во однос на земјата што во борбата против фашизмот изгуби повеќе од 27 милиони свои граѓани. За таа трагедија треба да се обвинуваат тие политички елити на Западот што ги предадоа националните интереси на своите народи, ги хранеа и скриено ги поддржуваа нацистите и први се согласија на договор со нив. Додека, пак, Советскиот Сојуз до последната минута се залагаше за обединување на напорите за спречување на Хитлеровата агресија, но тие повици беа игнорирани од западните партнери. Токму тоа му одеше во прилог на Хитлер и го поттикна кон големата војна.
Сепак, сега не е најбитно утврдувањето на вината за настаните од пред 80 години, а особено историските и геополитичките пресметки. За денешната генерација е најбитно да се научат правилно лекциите од ова трагично искуство од минатото и да не се дозволи нова, уште пострашна војна, која во денешното време на оружје за масовно уништување може да доведе до исчезнување на целото човештво. Во моментов тоа е особено актуелно, бидејќи состојбата во Европа и во целиот свет е толку тензична и непредвидлива што понекогаш потсетува на таа од предвоеното време. Како и во тие години, сведоци сме на манијакалниот копнеж на одделни држави по светската хегемонија, по утврдување на своја исклучивост, нивната обземеност со решавање на своите и меѓународните проблеми со помош на воена сила, уцена и закани, по пат на создавање непријател и засилување на русофобската хистерија.

Од овие паралели може да се направат следните очигледни и логични заклучоци. Прво, битно е да се сфати дека политиката на изолација на Русија, на создавање тампон-зони по должината на нејзините граници, а особено ѕвечкањето со оружје, е контрапродуктивно и, како што покажува историјата, доведува до фатални последици, пред сè за авторите на таквите идеи. Второ, интересите за зацврстување на мирот и на стабилноста во Европа и на глобалното ниво бараат откажување од блоковската логика, од провокативната политика на проширување на НАТО и зголемување на воениот потенцијал на Алијансата кај границите на Русија, од обидите за градење на својата безбедност на сметка на безбедноста на другите. Задачата да се обезбеди мирен и стабилен соживот на државите не е можно да се реши без создавање сеопфатен систем за колективна безбедност во кој сите земји, и малите и големите, ќе имаат еднаков глас и еднаква заштитеност. Трето, во услови на зголемување на тензичноста многу се неопходни системски и конкретни чекори во зацврстувањето на заемната доверба, обновувањето на културата на дипломатијата, рамноправен и фер дијалог. Битно е да ѝ се стави крај на практиката на еднострани санкции, на информативни војни и поттикнување на антируска пропаганда, која, сама по себе, веќе провоцира инерција на конфронтацијата и докрај ги отежнува перспективите за конструктивна соработка. На крајот на краиштата, треба да се престане да живее во свет на илузии. Во септември 1938 година лидерите на водечките западни држави од тие времиња им подлегнаа на русофобските инстинкти и направија голема грешка, ги одбија предлозите на Москва за создавање на системот за колективна безбедност, што доведе до Втората светска војна и смртта на 50 милиони луѓе. Според активностите на нивните политички наследници, тие исто така се многу далеку од реалноста и сѐ уште не разбираат дека безбедноста може да биде само единствена и неделива, која води сметка за интересите на сите членки на меѓународната заедница. Како што покажува историја, алтернативна варијанта едноставно не постои.