Назад

КОМЕНТАР НА МАРИЈА ЗАХАРОВА ПО ПОВОД БУГАРСКАТА РЕАКЦИЈА ЗА „КИРИЛИЦАТА ОД МАКЕДОНИЈА“

Новинар: Во Бугарија пред некој ден се крена еден бран хистерија поради изјавите на Претседателот на Република Македонија, г-дин Ѓорге Иванов кои тој ги даде во рамките на неговата посета на Русија. Кој е Ваш коментар?

Марија Захарова: Колку што разбирам, станува збор за изјавите кои беа дадени во врска со прашањето за словенската писменост. Би ги оценила тие публикации (ги видов денеска на интернет) и изјави како апсолутно неосновани. Можно е да настанало недоразбирање околу она за што се работеше. Навистина, во текот на престојот во Русија на претседателот на Македонија Ѓ.Иванов за учество во церемонијата на врачување се слушаа изјави на наведената тема. Никој во Русија не се обидува да го негира придонесот на Првото бугарско царство за создавање на словенската писменост – тоа би им противречело на историските факти. Во наведениов случај се работи за „македонските земји“ како за географски поим. Уште во времето на Римската империја регионот каде потоа се родиле и работеле Св. Кирил и Методиј се именувал како Македонија. Тука сѐ треба да биде максимално јасно и разбирливо.

Убедени сме дека таквиот светол празник како што е 24 мај – Денот на словенската писменост – треба да придонесува за зближување на нашите народи кои заедно ги почитуваат Св. Кирил и Методиј, а не да биде причина за конфликт. Згора на тоа тој не треба да биде повод за такви вештачки напумпани страсти. Овој скандал што вештачки се разгорува, кој може при „правилна обработка“ да внесе елементи на тензичност во руско-бугарските односи, до што, се надевам, нема да дојде, тешко дека ќе биде од полза на нашите земји. Ќе повторам, можно е сето тоа да било погрешно протолкувано и пренесено. Не сакам да се навраќам во изворите од кои почна оваа приказна. Нашиот став за ова прашање е јасно изнесен. Сметаме дека би било подобро да се фокусираме на разгледување на актуелните прашања од билатералната соработка, а не да бараме поводи за конфронтација онаму каде што ги нема“, заклучи Захарова во својот одговор.